Морате да ги пробате овие француски колачи: „Paris Brest“ со крем од кафе

Loading...

Ова е рецепт кој е идеален за љубителите на мирисот и вкусот на кафето. Се работи за рецепт од француската кујна кој за момент ќе ве однесе во Париз. Крцкавото тесто и неодоливиот крем се идеален спој кој ќе ве освои за време на празниците. „Paris Brest“ е визуелно попримамлив од парче торта, затоа обидете се да го подготвите.
Морате да ги пробате овие француски колачи: „Paris Brest“ со крем од кафе
Потребни состојки за тестото (6-8 парчиња):
125 г брашно
100 мл вода
100 мл млеко
80 г путер
10 г шеќер
прстофат сол
4 јајца
Потребни состојки за премачкување и наросување:
1 разматено јајце
50 г листови од бадем
Потребни состојки за кремот:
5 г желатин ( три листови)
50 г шеќер во прав
10 г пченкарен скроб
100 мл црно кафе
100 мл млеко
2 жолчки
350 г слатка павлака
50 г шеќер во прав


Начин на подготовка за кремот:
Потопете го желатинот во ладна вода и оставете го да омекне.
Измешајте го шеќерот во прав и пченкарниот скроб и префрлете ги во помало тенџере, додавајќи го кафето и млекото. Добро измешајте ја смесата и додајте ги жолчките. Промешајте повторно и варете го кремот на тивок оган 5-6 минути, со постојано мешање.
Кога смесата малку ќе се згусне, исклучете ја ринглата, додајте го омекнатиот желатин и мешајте неколку минути до целосно растворање на желатинот. Добиената смеса префрлете ја во сад, покријте ја со проѕирна фолија, така што фолијата целосно ќе ја допира смесата, за да се избегне формирање на коричка одозгора. Оставете го кремот неколку часа во фрижидер (по можност една ноќ).
Кратко матете ја слатката павлака, додадете 50 г шеќер во прав и спојте ги заедно додека не се формира шлаг.
Кратко промешајте ја изладената смеса од фрижидерот, додајте неколку лажици шлаг и спојте ги смесите. Потоа со шпатула додајте го преостанатиот шлаг и измешајте внимателно, за кремот да остане воздушест. Вратете го кремот во фрижидер на еден час.
Начин на подготовка на тестото:
Ставете ги водата, млекото, путерот, шеќерот и солта во помало тенџере и сварете ги.
Тргнете го тенџерето од ринглата, додајте го брашното и мешајте енергично за да избегнете создавање грутчиња.


Вратете ја смесата на тивок оган и варете околу 1 минута или 2, додека тестото не почне да се одвојува од ѕидовите на тенџерето.
Смесата префрлете ја во поголема чинија и малку изладете ја (5 минути), а потоа додадете го првото од четирите јајца. Промешајте енергично, а потоа едно по едно додавајте ги и другите јајца, постојано мешајќи енергично. Ќе добиете густа, свиленкаста смеса.
Покријте го плехот со хартија за печење и исцртајте 6 кругови со дијаметар од 7-8 см. Свртете ја хартијата од другата страна. Нанесете го првиот круг тесто. Внатрешно, нанесете уште еден круг што го допира, но не го преклопува првиот круг. Потоа, на делот каде што се допираат двата круга, нанесете уште еден круг тесто. Направете го истото и со преостанатото тесто. Премачкајте ја секоја форма од тесто со изматено јајце и наросете ја со листови од бадеми.
Ставете го плехот во загреана рерна на 180 °C и печете околу 45-50 минути. Тестото убаво ќе нарасне и ќе добие златна боја. Ако случајно бадемите почнат да потемнуваат, намалете ја температурата на 170 °C.
Кога тестото ќе се испече, исклучете ја рерната, но оставете го тестото внатре уште 15 минути со подотворена вратничка од рерната.
Извадете го плехот од рерната, префрлете ги колачите на решетка и изладете ги целосно.
Исечете го секое парче тесто на половина со назабен нож.
Ставете го кремот во кеса за украсување со додаток во форма на ѕвезда, а потоа нанесете од кремот врз едната половина од тестото. Преклопете ја секоја половинка со крем со другата половинка без крем, лесно посипете ги колачите со шеќер во прав и сервирајте веднаш.
Готовиот десерт можете да го чувате во фрижидер и да го послужите подоцна.
Овој десерт е совршен во комбинација со шолја кафе.

loading...
Loading...