НАДЛЕЖНИТЕ АПЕЛИРААТ: Граѓаните да ги почитуваат мерките за празниците, да избегнуваат групирања

Loading...

За време на претстојните празници прв приоритет е почитување на мерките. Пожелно е да се тргнеме од турканици, да држиме дистанца, а во храмовите задолжително да се носи заштитна маска. Инаку, сите досегашни напори ќе бидат залудни доколку се заборави опасноста од вирусот.
Ова се дел од препораките кои вчера до граѓаните ги упатија властите и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.
Премиерот Зоран Заев вчера излезе со апел, за 1 Мај и за другите празници да бидеме на отворено и да ги избегнеме затворените објекти.
Заев порача кога ќе ги славиме празниците, кога ќе видиме дека има групирања, а не е доволна дистанца, веднаш да се повлечеме.
И министерот Филипче вчера излезе со апел – граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид.
-Тоа што сега се случува оди во насока на смирување на епидемиолошката ситуација, а можност за прекршување на мерките и препораките имаше и досега има и од сега натаму. Значи тие посети во верски објекти, масовни собирања и тогаш кога не се дозволени во насока на прекршување се секогаш можни и секогаш од таму потекнуваат сите проблеми, во смисла на појава на мини кластери, потенцира Филипче.
Како што појасни, мора сите да сме свесни и со сопствeн пример, имајќи ја предвид сопствената одговорност, да постапиме така како што треба во рамки на ова што сега значи живот со мерки, препораки, превенција.
Според министерот, граѓаните мора да се свесни што треба да се прави, што не треба да се прави, како самите ќе придонесат за и понатаму епидемијата да спласнува, односно бројките да се намалуваат.


И Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи исто така апелира до сите граѓани во текот на празничните денови дадената можност да прославуваат со олеснети рестриктивни мерки да ја разберат исклучиво низ призмата на зголемување на личната одговорност во примената на заштитните средства.
-Апелираме во храмовите и надвор од нив верниците задолжително да носат заштитна маска и да одржуваат дистанца. Сите досегашни напори ќе бидат залудни доколку се заборави на опасноста на вирусот и неговите последици. Исто така поголемите собири во домовите и викенд локациите поради прославување на празникот се со висок ризик, соопштија вчера од Комисијата.
Оттаму апелираат на доследно почитување на сите мерки изречени од здравствените власти и сериозен пристап.

loading...
Loading...