Намалени глоби за физичките и правните лица

Loading...

На вчерашната заедничка прес-конференција премиерот, Заев и министерката за правда, Рената Дескоска најавија дека во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица со што се воведува разумна казнена политика. Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека со новиот Закон глобите ќе бидат пропорционални на тежината на прекршокот, а казната за прекршок, не треба да го отежни животот на граѓаните, туку да доведе до корекција на нивното однесување.
Предвидено е намалување на глобите за физичките лица за 75%. Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1000 евра. За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Со новиот закон за првпат се прави градација помеѓу малите, средни и големи претпријатија. За малите претпријатија минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната 2.000 евра, додека за средните и големите претпријатија минималната изречена глоба ќе биде 250 евра, а максималниот износ  не може да биде поголем од 10.000 евра. Повисоки глоби ќе може да се изрекуваат за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг, но најмногу во двократен износ. Трикратен износ на глоба ќе следува за прекршоци во областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културното наследство, заштита од природни и други непогоди. Со ова, тврдат, се прави јасна дистинкција што е важно,а што е човечно во прекршочната постапка.

 

loading...