Наместо скапа венчавка, со парите поделиле пакети храна за 62 семејства

Loading...

Татјана и Ријад Мерџаниќ се венчале на 15-ти септември оваа година. И ништо не би било чудно доколку не ја одржале својата венчавка во просториите на Црвениот крст во Ново Сараево, а парите наменети за венчавката ги донирале за корисниците на оваа хуманитарна организација.
Татјана и Ријад се запознале во 2016 година во Сараево преку заеднички пријатели, а како што Татјана изјавила, веќе по првиот состанок сфатила дека Ријад е нејзината сродна душа. Набрзо потоа и се вериле.
Бидејќи Татјана завршила криминологија, а Ријад медицина, тие успеале да пронајдат работа во Германија и се преселиле во Росток. Иако сега живеат во ова германско гратче, одлучиле својата врска да ја овековечат во својот роден град, пренесува “Klix”.
Во таа прилика, парот не заборавил ни на своите сограѓани на кои им е потребна помош.
“Сфативме дека е многу подобро наместо непотребно трошење на пари за организирање на венчавка, да им помогнеме на луѓето на кои навистина им е потребна помош. Отсекогаш имавме желба да го направиме тоа”, одговорила Татјана.
На чинот на венчавката присуствувале и нивните семејства и пријатели, кои младенците ги повикале да учествуваат во нивната мала “акција на среќа”.
“Им кажавме дека наместо купување на подароци и цвеќе, својот придонес да го дадат на оние на кои им е потребно. Во согласност со тоа, поделивме 62 пакети со храна и 45 пакети со хигиенски потрепштини на корисниците на Црвениот крст во Ново Сараево”, додала таа.
Ден подоцна, на 16-ти септември, парот ги поделил пакетите со корисниците заедно со волонтери на Црвениот крст.

loading...