Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку писмени реакција ги осуди нападите во Косово.
-Се терористички и насилнички акти кои имаат за цел дестабилизација и закана на безбедноста и мирот во Косово и регионот. Остро ги осудуваме овие кукавички обиди за оштетување на виталната инфраструктура на снабдување и за поттикнување страв и несигурност кај граѓаните. Силно ги поддржуваме институциите на Косово во нивната заложба за заштита на редот, безбедноста и суверенитетот на земјата, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши во својата реакција.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, зборувајќи за последните настани во Македонија со палењето на знамиња, но и со терористичкиот чин во Косово кај водоводниот канал Ибар – Лепенец, рече дека во регионот има деструктивни сили кои имаат за цел дестабилизација.
-Има тенденции во регионот за дестабилизирање на состојбата, истото се случи и во Митровица со водоводот, со терористичкиот чин, но исто така и тука има сили кои сакаат дестабилизација, вели првиот вицепремиер Изет Меџити.
Од опозициската ДУИ, реагирајќи за настаните со палење знамиња, ги повика граѓаните да ја задржат смиреноста и да не подлегнуваат на структурите кои работат против мирот и стабилноста на земјата и на целиот Западен Балкан. Конкретно за настаните на Косово говореше потпретседателот на оваа партија, Бајрам Реџепи.
-ДУИ исто така остро го осудува и терористичкиот чин за оштетување на критичната инфраструктура на Република Косово што се случи вчера, но имаме доверба во капацитетите на тамошните институции за да ги изнесат пред правда одговорните на овие криминални акти, вели Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ.
Од Европскиот фронт реагираше и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој на Фејсбук напиша дека освен терористичко чин, спречувањето на снабдување со вода за пиење е и злосторство против човештвото. Тој додава дека Србија наместо да размислува за одлуката на Обединетите нации од мај годинава за геноцидот во Сребреница, продолжува со дела на злосторство против човештвото. „Меѓународната заедница силно ќе реагира и ќе ја санкционира грдоста на Балканот – Србија“, напиша Села.