Наскоро резултати од истрагата за лажните дојави за бомби. Учествувале и ИНТЕРПОЛ и ЕВРОПОЛ

Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби,кои создаваат немир во јавноста веќе подолго време, а кои започнаа со автобусите на ЈСП, а продолжија со средните училишта, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Како што кажав и пред некој ден, ние сме сосема на крај со обезбедување на сите материјали и потврди за да имаме реализација и во овој дел, рече Спасовски во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, додавајќи дека анализите за причините се во повеќе правци, од геостратешки, преку политички до економски, односно водени од бизнис интереси.

Според Спасовски, со оглед на фактот што целта на ваквите хибридни напади е да се предизвика вознемиреност, недоверба во институциите, страв и паника, не смее да се шпекулира, туку треба да се почека да се добијат сите информации, со потврдени факти и докази.

Во однос на наодите од истрагата, како што соопштуваат од МВР, Спасовски објаснил дека станува збор најчесто за VPN адреси, а кога ќе се завршат сите проверки и ќе се утврдат фактите, ќе бидат идентификувани и сторителите, но и објавени мерките што против нив ќе се преземат.

– Во истрагата соработувавме со сите наши партнери, со Интерпол, со Европол, сите механизми кои помагаат во истражниот процес. Сигурно е дека постои мотив, а на крај ќе видиме и кој точно бил мотивот, посочил Спасовски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.