Научете ги децата дека мојата ќерка не е чудовиште

Loading...

Задача на родителите е да се погрижат нивното дете да научи што е толеранција, да ги прифати различните од себе, да има разбирање, да сочувствува, еден ден да стане добра личност. Една мајка сакала да ги потсети на тоа.
Тања Томиќ-Домиќ преку социјалната мрежа Фејсбук испратила порака до сите родители, споделувајќи го своето искуство како мајка на дете со посебни потреби.
„Драги пријатели (знајни и незнајни), повеќето од вас знаат дека сум мајка на две прекрасни деца. За жал, Мила е дете со тешкотии. Таа не го избрала тој пат. Ниту ние, како нејзино семејство. Како ни другите семејства на деца со тешкотии. Едноставно сме се нашле во таа приказна и се обидуваме најмногу што можеме. Дека е лесно, не е“, навела во своето „отворено писмо“. Во основа е една молба, а фактот дека оваа жена почувствувала потреба да ја упати е особено поразителен за современото општество.
„Ви се обраќам со молба да издвоите пет минути и да разговарате со своите деца дека не се сите родени под среќна ѕвезда за да бидат здрави. Научете ги дека не е убаво да се потсмеваат и да покажуваат со прст, дека не е убаво да се зборува за децата со тешкотии дека се чудовишта, дека не е убаво да прашуваат дали е таа попаметна од куче. Нашиот син многу пати бил предмет на исмејување поради неа, ни крив ни должен. Многу пати ни се собрало срцето и очите ни се насолзиле. Нам Мила ни е совршена таква каква што е. Ве молам, научете ги и дека различното за некого е совршено“, истакнала Тања Томиќ-Домиќ.
Нејзиниот статус бил споделен повеќе од 1.500 пати за само два дена, а ѝ се јавуваат луѓе од целиот регион со своите искуства и пораки за поддршка, но и толкувања на суровото однесување на децата кон малата Мила.
„Не се виновни децата, родителите така ги насочуваат. Сметам дека е ненамерно и се надевам на тоа, но кај децата тоа остава трага и прашање: зошто морам да се држам подалеку од тоа дете?“
„Родителите се тие што прават разлика и им зборуваат на своите деца дека тие се болни и буквално зјапаат во детето и го гледаат како да виделе не знам ни јас што… Жално, но вистинито… Бидете храбри за своите деца, само така ќе можете да го поднесете тоа“.
Повеќе Деца.мк

loading...