На граничниот премин Богородица, запленети околу 515 килограми марихуана

Loading...

Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера на граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, запленил околу 515 килограми марихуана, а од слобода е лишено едно лице. Запленетата дрога требало да се транспортира до Турција, а нејзината вредност се проценува на повеќе од милион евра, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Како што појасни тој, по претходно дадени насоки извршен е претрес во товарно моторно возило марка „Ман“и полуприколка –ладилник со скопски регистерски таблички, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен.
Во рамките на криминалистичкото истражување утврдено е дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на Турција.
За соодветен паричен надомест за транспортот, Д.С. го ангажирал З.А. Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.
Како што истакна портпаролот Ангеловски во текот на вчерашниот ден по издадени наредби од судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на Д.С. во Скопје, за пронаоѓање и обезбедување на дополнителни материјални докази. При претресот пронајдени и одземени се едно возило “Рено Меган“, мобилни телефони и бројна документација. Во текот на денешниот ден до Обвинителството е поднесена кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на Македонија.

loading...