Недостиг на месо за велигденската трпеза во Грција, увоз на јагнешко и јарешко од Романија и С. Македонија

Loading...

Поради извозот на месо за католичкиот Велигден, Грција се соочува со недостиг на јагнешко и јарешко месо, што резултира цените да се за 20 отсто повисоки во споредба со лани, но и да е потребно да увезуваат од земјите од регионот, меѓу кои и од Северна Македонија.
Во споредба со лани, процените се дека Грција има 30 отсто помалку месо на располагање за продажба, а најголемиот дел од увозот е од Романија, додека пак паралелно, интензивни се контролите за увезеното месо да не се продава како грчко, го посети „Варвакиос“ – централниот пазар за месо во грчката метропола, од каде што традиционално, голем дел од Грците се снабдуваат со јагнешко и јарешко месо за велигденската трпеза.
На една од тезгите стои натпис „Мали свежи јагниња од ФИРОМ 8,99 евра“, а според грчките медиуми, и во Солун се продаваат „Мали јагниња и јариња од Северна Македонија“ за 8,50 евра.
Објаснувањето е дека, оваа година, иако тоа беше случај и во изминатите години, но сега е неопходно да се увезе месо од странство за да се покријат потребите.
За да се избегнат појави кога месото и јајцата увезени од странство се продаваат како домашни, со одлука на министерот за земјоделство и храна на Грција Спилиос Ливанос беше формирана работна група која ќе ги координира контролите на увозот, а од 19 до 27 април, биле спроведени 4.447 контроли, како на граничните премини, така и на пазарот и биле регистрирани 100 прекршувања.
Цените на јагнешкото и јарешкото месо, велат сопствениците, се повисоки од лани, а ситуацијата е потешка, како за нив, така и за муштериите.


-Катастрофа е ситуацијата во споредба со лани. Цените се многу повисоки од лани, две до три евра е поскапо јагнешкото месо, а имаме и недостиг на јагниња, коментира еден од месарите од централниот атински пазар.
Граѓаните од друга страна, купуваат, но и некои само разгледуваат. Велат дека сакаат да ги видат цените, да ги споредат со оние од месарниците и супермаркетите, па дури потоа да купат.
Од Институтот за истражување на малопродажбата соопштуваат дека трошоците за велигденската трпеза во големите супермаркети, оваа година се речиси идентични како и лани.
Грците и оваа година ќе слават поразличен Велигден, поради карантинот, рестрикциите и полицискиот час.
Литургиите и изнесувањето на Епитафот, денеска ќе бидат порано, за разлика од други години, додека пак утре, Воскресението Христово е закажано за 21 часот, наместо на полноќ.
Црквите и соборните храмови работат под специјални здравствени протоколи, дозволено е едно лице на 25 метри квадранти во внатрешноста и едно лице на 10 метри квадратни, во надворешните делови.
За верниците е задолжителна употребата на две маски, додека пак за поповите, свештените лица и останатиот црковен персонал, задолжителен е селф тест, односно брз тест за домашна употреба.
Во недела, на Велигден, дозволен е собир на најмногу две семејства до девет лица, а доколку е во надворешен простор дозволени се 12 лица.
Паралелно, сè уште е во сила забраната за движење меѓу региони, односно патување меѓу градови, па Грците нема да можат, за Велигден да ги напуштат местата на живеење.

loading...
Loading...