Тој апелира до сите политички субјекти да бидат одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави добро на граѓаните. Упати порака до граѓаните да останат смирени.
Во однос на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и дали ќе биде пуштен во државава на 4 февруари, Спасовски рече дека на основа на сите анализи ќе ја донесат одлуката.
„Споделуваме информации во однос на тоа што се очекува, а одлуките ќе ги носиме кога ќе дојде време“, рече Спасовски.
„И двете држави и двете министерства за внатрешни работи ќе направат сѐ за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да го нарушат односот меѓу двете држави. Мора да се деескалира состојбата. Нема да дозволиме никаква ескалација на состојбата ниту инцидент, ниту понижување на македонскиот народ и држава“, категоричен беше тој.
Коментирајќи ја средбата со неговиот бугарски колега, Спасовски рече дека добиени се гаранции дека нема официјална политика што може да се базира на негирање на народ или држава.
„Тоа е основа за секакво идно партнерство што треба да го имаме и на средбата беше изразен јасен став дека добрите односи меѓу двете држави се важни за цлеиот регион“, вели министерот за внатрешни работи.
Според него, институциите функционираат и се должни да ги обезбедат сите мерки и активности.
Тој порача дека треба да се напушти потпалувачката реторика која, како што рече, ја слушаме од патриотските здруженија. Упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на кој било повик и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите. Од такви минати дејствија може да се согледа дека лицата кои повикуваат остануваат нечепнати, а оние кои посегнале по државата и институциите сега се во затвор, нагласи Спасовски.
„Никој во оваа држава не смее да биде и нема да биде над државата“, додаде тој.
Пронајдете не на следниве мрежи: