Нема договор за Делчев, има договор за нова средба во декември

Loading...

Според однесувањето за време на давањето на изјавите на копретседателите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, јасно е дека македонските и бугарските историчари се далеку од договор. Дводневната средба во Скопје и вчера заврши без напредок во однос на Гоце Делчев, а на дневен ред сѐ уште не е дојден периодот на бугарската фашистичка окупација на Македонија од Втората светска војна.
Имало нови предлози, идеи и суштински преппораки, но тоа требало да го соопштат владите на двете земји, а не експертите.
Она за што вчера копретседателите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу двете држави Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров за време на изјавите се согласија беше дека процесот на разговори продолжува и понатаму.

„Има мали поместувања кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите“, изјави Ѓоргиев.
Димитров рече дека разговорите биле како и времето – „сиво и облачно, со малку дожд и одвреме-навреме кратко сонце“.
За идентитетот на Гоце Делчев, Ангелов рече дека Делчев самиот си го определил. „Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентитетот“, вели Димитров.
Според членот на комисијата, македонскиот историчар Петар Тодоров, на средбата биле усогласени суштински препораки во однос на средновеовитео, за 9-10 век, за словенската писменост и развојот на книжевноста и културата на овие простори.


Наспроти заканата на Бугарија дека ако нема договор за историјата нема да се одржи и меѓувладината конференција за интеграцијата на Македонија во ЕУ, македонските политичари се оптимисти дека во декември таа конфереција ќе се одржи.
Тие уверуваат дека интензивно се работи на проблемот со Бугарија и оти е интензивирана комуникцијата со цел да се надминат недоразбирањата. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека верува оти со заемно разбирање и почитување ќе се изнајдат решенија. Тој, како што рече, не размислува за план „Б“ доколку во декември не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ. За ноември предвидена е и средба на Заев со Борисов во Софија.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера на социјалните мрежи напиша дека заедно со германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ. „Бугарија активно ќе продолжи да работи во таа насока за време на нашето заедничко претседавање со Република Северна Македонија во Берлинскиот процес. Ги ценам напорите на германското претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање најсоодветни решенија за заштита на здравјето на сите европски граѓани, како и на економскиот живот“, наведе Борисов на својот фејсбук-профил.
За разлика од него, бугарскиот претседател Румен Радев вчера порача дека не може да се прават компромиси со историјата и со јазикот.
„Членовите на Бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик“, рече Радев.

loading...