Нема карантин за бегалците од Авганистан

Посебни тимови доктори ќе ги пречекаат бегалците од Авганистан кои треба да пристигнат во земјава. Сите ќе бидат тестирани за ковид – 19, невакцинираните ќе бидат вакцинирани, а ќе им бидат на располагање и останати здравствени услуги, доколку има потреба за тоа.
– Разработивме препорака со оглед на ситуација и со оглед на што организирано може да дојде една поголема група луѓе, да се пречекаат како што треба, да им се пружи и здравствена помош доколку е потребна, ние не знаеме каква е ситуацијата таму. Ќе стигнат жени, деца, затоа ќе дојдат гинеколошки тимови, педијатриски, матични лекари за сите, за да видиме да не е евентуално потребна лекарска помош. На сите ќе се направи ПЦР тестирање, а невакцинираните по два или три дена од тестирањето ќе бидат вакцинирани. Тоа ќе се спроведе во хотелите каде што ќе бидат сместени. Тоа е договорено. Карантин нема да има заради тоа што има ПЦР тестирање и гледаме дали се вакцинирани – рече министерот Филипче.
Нема препорака за изолација ниту на триесеттемина Македонци кои работеле во Авганистан, кои веќе стигнаа во земјава.
Владата презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан. Според досегашните најави станува збор за вработени и нивните жени и деца во хуманитарните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО силите во Авганистан.

Пронајдете не на следниве мрежи: