Неојакобинци

Loading...

Неојакобинците имаат замисла како се владее. Тоа е рецепт за таканаречено „конфликтно и вечно владеење“. За потребите на овој текст во почетокот ќе се потсетиме на некои термини. Не дека не ги знаеме, но, знаете како е, се заборава. А ми се чини дека секоја политичка елита игра токму на таа карта, на заборавањето, како значаен сегмент за подолготрајно владеење.
Јакобинец е член, припадник на радикално движење кое за време на Француската револуција воспоставува владеење на теророт. Ова е најпознато движење од времето на револуцијата. И под негово влијание Наполеон ги започнува своите војни за редизајнирање на цела Европа. Во денешна Франција значењето е поврзано со концепт за централизирана држава, со овластувања концентрирани во владата на сметка на регионите, на локалната самоуправа. Малкумина знаат дека мотото на револуцијата има еден дел кој подоцна е изоставен, токму поради силната поврзаност со владеењето на теророт. Имено, целиот слоган гласи „Слобода, еднаквост, братство или СМРТ“. Последниот збор е изоставен подоцна и сега веќе е заборавен. Но, не и движењето. Начинот на владеење, односно расчистување со неистомилениците на гилотина е еден од најбруталните периоди во поновата историја. Иако ова движење траело само пет години (1789-1794), добро е запаметено. Секако, тоа зрачело и било инспирација за многу движења подоцна, па се до ден-денешен.
Во ова време на сериозни политички потреси, кога секој ден сме на работ на криза во државата, можеби ви изгледа надвор од контекст да се пишува на оваа тема. Сепак, ве молам за трпение, зашто мислам дека можам да ги спојам контекстите и да докажам дека ништо не е случајно. Терминот „неојакобинци“ се користи во модерен контекст, кога се сака да се покаже дека одредено владеење е втемелено токму во ова револуционерно движење. За момент да ја оставиме на страна Македонија. Да не се добие впечаток дека некој некого клевети, поради оваа или онаа причина, ама ќе се навратиме да го споредиме контекстот, кон крајот на текстот.
Неојакобинците имаат замисла како се владее. Тоа е рецепт за таканаречено „конфликтно и вечно владеење“. Професорот Крег Робертс ги анализира таканаречените неоконзервативци во САД, за да провери што се крие зад нивната матрица. Во неговиот текст неојакобинците, всушност, ја разобличува лагата и најдобро е да презентирам како јас го читам. Неоконзервативците, термин кој почесто се користи и кај нас, е паметен еуфемизам зад кој се крие банда радикали кои стојат надвор од секаква општествена традиција. Нив единствено ги интересира тврдо владеење. Поопстојна анализа покажува дека овие таканаречени неоконзервативци не се никакви конзервативци, туку се јакобинци. Значајно е да се забележи дека концептот на морал кај нив е апстрактен и аисторичен. Тоа е морал кој не е дел од морал на поединец, индивидуа или, пак, на традиција. Јакобинците, односно скриените неоконзервативци се заведени од моќта. Нивната апстрактна моралност ги тера да прогласат монопол врз доблеста, како нешто што само тие го знаат. За тоа право се подготвени да употребат сила. Сосила и да ги втераат вредностите, односно според нивните замисли да го преуредат општеството.
Јакобинското здружување има силна централизираност. Секоја индивидуа е подредена на апстрактните вредности кои се замислени како најдобри. Всушност, ова е здружение кое е задоено со идеолошка надмоќ, поради што сметаат дека се’ е оправдано во однос на другите кои не се дел од него. Посебно неуките граѓани. Ваквата „доблесност“, според тоа, дава право да се владее, да се завладее во општеството, за тоа да се „подобри“. Со тоа се дезавуира парламентарната демократија и механизмите за контрола и баланс на моќта. Практично, целото општество сега мора да се подреди на планот за средување, ДОТЕРУВАЊЕ на вредностите кои се натчовечки. Човечките животи и културните разлики во овој случај немаат значење, затоа што, во основа, треба да се преуреди целото општество. Објектите во општеството имаат само една можност – да се приспособат.
Секако, тешко ќе оди сето ова преуредување доколку се немаат медиумски сојузници и извршители. Затоа се наоѓа погодна случка која се користи за силен националистички одговор, кој е во согласност со јакобинската идеолошка матрица. За да се оствари оваа агенда, потребни се големи износи пари од даночните обврзници. Недостигот од разбирање на историјата и потпирањето на апстрактни вредности за право и правдина – се опасни. Ова нив ги води кон втерување на вредностите во коишто веруваат, односно во крајна инстанција кон држава од орвеловски тип. Апстракцијата е опасна затоа што во крајна инстанција во неа се губат почетокот и крајот. Се’ станува дозволено. Моралот и однесувањето на поединецот се небитни. Она што во нормалното плурално општество е нормално, почитувањето на различното мислење, сега е непотребно.
Кога овој процес има доволно време да се развие, се добива монопол на идеологијата, односно само јакобинците имаат право да говорат што е добро, лошо, потребно или непотребно. Ако е така, зошто конзервативците и некои други се склони кон инклинација кон вакво групирање? Затоа што јакобинската порака е атрактивна. Потребата од надвладување и супремација им годи на мачо типовите, на националистите и самопрогласените патриоти, на оние што сакаат насила и брзо да ја рашират својата порака. Целта ги оправдува средствата. Затоа и лагата, измамата и манипулацијата стануваат составен дел од дејствувањето.
Кај нас, пак, новата идеолошка елита на власта, од кои повеќето скоро излезени од пелени, четири години зборува за вредноста на конзерватизмот. Устата пена им фати од зборување за семејството, а повеќе од половината немаат засновано семејство (памфлет беше објавен во дневниот печат). Или, некои сега го сторија тоа од идеолошки побуди, за да се сообразат со јакобинските пораки. Индивидуата е подредена на замислените најдобри вредности.
Да ве потсетам и на тепањето на студентите минатата година на плоштадот. Што е тоа ако не сосила втерување вредности. Некој што мислел поинаку од нашиве неојакобинци мора да изеде ќотек за да сфати. Секако, во тој контекст, „Скопје 2014“, за кое немаше никаква официјална дебата во Собранието на државата и во Градот, е втерување на вредностите. Кој не го разбира проектот, ќе биде натеран да го разбере. Притоа, не е воопшто важно што мисли Уставниот суд кој е под контрола на СДСМ. И тој мора да разбере! Целото општество мора да се подреди на планот за средување, ДОТЕРУВАЊЕ на вредностите. Случката што беше искористена за да се стопат сите вредности во една, јакобинска, е самитот на НАТО во Букурешт. Се најде погодната случка која се искористи за националистички одговор и целосно свртување кон јакобинската програма. Сега нека не се палат апологетите. Не инсистирам дека е така. Ама мислам дека имам право да понудам поинаков агол на гледање на работите. Свој суд нека донесе јавноста.
10 јули 2010, број 3329 на Утрински весник, колумна на д-р Филип Петровски

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...