Не е дозволена амнестија за воени злосторства и државите секогаш можат да ги обноват запрените судски постапки!

Loading...

Според ФОКУС, текстот од 29 мај 2014 (интернет издание) не е дозволена амнестија за воени злосторства и државите секогаш можат да ги обноват запрените судски постапки! Со оглед на тоа дека сметаме оти ова е незатворено прашање, иако Груевски и Ахмети си се договарале (за што имаше и телефонски бомби) ние ќе го преобјавиме овој текст. 
Европскиот суд за човекови права во Стразбур деновиве одлучи дека Хрватска може да суди за воените злосторства на лицата кои претходно биле помилувани со закон. Оваа стразбуршка одука беше повод да потсетиме дека „Фокус“ веќе пишуваше оти за Хашките случаи не може да има амнестија и покрај толкувањето на Законот за амнестија што го изгласа Парламентот во 2011 година на чело со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ.
Текстот е објавен на 30. ноември 2012 во 909. број од неделникот „Фокус“.
Само десетина дена откако македонските уставни судии, со мнозинство гласови одлучија дека автентичното толкување што го даде Собранието за примената на Законот за амнестија не е противуставно, Судот во Стразбур, во пресуда за хрватски случај децидно посочува: Амнестија за воени злосторства е забранета, а државата во секој момент може да ги обнови процесите што не се завршени со правосилни судски одлуки. Македонската амнестија наскоро ќе стаса и пред Судот во Стразбур, а тоа треба да значи нови судења за четирите таканаречени „Хашки предмети”, кои беа затворени со политички договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ!
Пишува: Саше ДИМОВСКИ
Ставот на Судот во Стразбур за давање амнестија за воени злосторства беше познат од поодамна и изразен во неколку одлуки, но последната одлука донесена пред десетина дена, во средината на ноември, за случај од Хрватска, уште еднаш јасно стави на знаење дека Меѓународниот суд за човекови права не одобрува политички акти на амнестија, со кои земјите ги ослободуваат обвинетите за геноцид, воени злосторства и за други дела со кои директно се крши меѓународното хуманитарно право.
Одлуката на Стразбур, засега достапна само на англиски јазик и која сѐ уште не е дистрибуирана до Комитетот на министри бидејќи се чека нејзина правосилност, многу јасно говори каква би била одлуката кога пред судот ќе дојдат предметите од Македонија, за кои Уставниот суд со одлуката отвори пат веќе да се процесуираат пред Судот за човекови права. Во оваа одлука што „Фокус” ја доби директно од судот, јасно и недвосмислено ќе видите како судиите даваат насоки дека не само што амнестија за овој вид дела не може да има, туку тие и го оправдуваат повторувањето на постапките, особено ако тоа го стори самата држава, преку формалниот начин, нови докази или констатација дека претходната постапка била правно дефектна или заснована на погрешна примена на материјалното право.
Груевски со мечкина услуга за Ахмети, пусулчето што го доби дека Хашките случаи се затворени, може да го обеси само на ѕид во Мала Речица
Но, за разлика од судиите во Стразбур, нашиве уставни судии, со исклучок на Наташа Габер – Дамјановска, не сметаат дека со тоа што се запрени постапките за воени злосторства со автентичното толкување на законот, донесено од законодавната собраниска комисија, се прекршуваат човековите права, правото на живот, на фер судење, на одговорност. Штета е што во целата постапка пред македонскиот Уставен суд не беше отворена јавна расправа, како од судиите, така и од пошироката стручна јавност на подготвителна седница или што судијката Габер – Дамјановска не издвои мислење кое ќе беше составен дел на оваа одлука, па ќе се видеше дека во судот преовладувало и друго стручно мислење, кое оди на линија и на Судот на Стразбур, но и на познавањето на меѓународното хуманитарно право кое би требало барем основно да го има секој правник, вклучувајќи ги и судиите, кои по своја или нечија друга волја седат во Уставниот суд.
ШЛАКАНИЦА ЗА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВЕН СУД
Познато ви е дека по подолго чекање, македонскиот Уставен суд за оспорениот Закон за амнестија досега се изјаснувал трипати и секогаш зазел став дека право на државата е да дава општа или делумна амнестија за одредени дела. Тоа право им е утврдено и на пратениците кои ги донесуваат законите и до овде не би требало да се сомневаме во мотивите на македонскиот Уставен суд да го покрие политичкиот „дил” меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да ги затворат четирите хашки случаи со политичка одлука, без судење и на тој начин да си ја зацврстат позицијата во владината коалиција и во заедничкото водење на државата. И сето тоа се направи во време кога формално немаше избрано влада, бидејќи ДУИ бараше гаранции дека нивниот врв во партијата, поранешните челници на ОНА, прво мора да добијат судски решенија дека некој ќе им ги запре судските постапки, за потоа да почнат да зборуваат за поддршката што ќе ја дадат за владата што требаше да ја формира Никола Груевски.
Многупати и тогаш укажувавме дека Груевски му прави мечкина услуга на Ахмети, бидејќи пусулчето што го доби дека хашките случаи се затворени, може да го обеси само на ѕид во Мала Речица, но тоа, ако се почитува меѓународното хуманитарно право, не му важи надвор од границите на Република Македонија, и, ако сакаат роднините на киднапираните и исчезнати Македонци, на пример, кои беа и иницијатори пред Уставниот суд, можат да поднесат тужби во друга држава, членка на ЕУ, која може да ги процесуира случаите и да им суди на обвинетите.
Во време кога семејствата од Тетовско најавуваат дека ќе поднесат апликација во Стразбур, Судот за човекови права донесе пресуда за хрватски случај, која е порачана како за нас и нашиов правен волунтаризам што го покажаа македонските институции, запирајќи ги постапките врз основа на собраниското пусулче дека законот важел и за делата како што се четирите предмети, а кои спаѓаат во воени злосторства. Ако добро ме држи паметењево, пусулчето помина во комисијата што ја води Благородна Дулиќ, поранешна врховна судијка која имала голема желба да биде и судија во Стразбур кога Македонија првпат ја доби оваа можност, па затоа, пресудата на нејзините колеги од Стразбур треба да биде четиво и за неа дека правото и политиката не се играчка која ќе ја користиш како што ќе посака некој во одреден период.
Пресудата за Хрватска е многу едноставна, барем од правен аспект, но има силни пораки, а поради блискоста на темата и времето кога е донесена, пред неполни две недели, ни даваат ексклузивна можност да споредиме како размислуваат европските и македонските судии. Е, сега, во Хрватска имаат и еден сериозен проблем, кој ние нема шанса да го имаме, зашто кај нив, и покрај тоа што имало општа амнестија, некој обвинител се дрзнал да поднесе барање до Врховниот суд за заштита на законитоста, па највисокиот суд одлучил дека амнестијата не може да важи во конкретниот случај на еден поранешен припадник на војската на Хрватска, обвинет за воени злосторства врз српско население.
Давање амнестија на злосторствата против човештвото, воените злосторства и геноцидот, е забрането во меѓународното право
Но, еве, накратко да ги видиме поентите на Стразбур и деталите на хрватскиот случај, од кои сами ќе заклучите дека ако дојде некоја друга власт во Македонија и јавен обвинител на кого законот ќе му биде пред сѐ, а владеењето на правото – принцип, тогаш без проблем можат повторно да се активираат „ад акта” ставените хашки предмети, кои, според Стразбур, не значи дека се правосилно завршени со судска одлука, туку се запрени поради некое дообјаснување (како што би го превеле – автентичното толкување) на законот. Рака на срце, автентичното толкување не требаше да има никаква правна важност за судиите кои формално ги носеа решенијата, оти тие треба сами да го применуваат законот, а не да чекаат некој да им го чита и објаснува, но целата финта беше што обвинителот ги повлекуваше обвиненијата, па немаше ни место за судска одлука дури ни во тој предмет за малтретираните градежни работници на „Маврово”, кој беше во судница. Другите се повлекоа во истрага или уште се преведуваа!
Хрватскиот старешина Фред Маргуш барал заштита од Судот во Стразбур затоа што во Хрватска постапката му била запрена врз основа, исто така, на Законот за амнестија, но подоцна по барање на обвинителот, Врховниот суд оценил дека амнестијата не може да важи за воените злосторства и за дела со кои се крши меѓународното хуманитарно право и на тој начин почнал нова постапка во која правосилно е осуден на 15 години затвор.
НЕОПХОДНО Е ПОВТОРУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ
Судот во Стразбур, во сега донесената пресуда, вели дека повторувањето на кривичната постапка за делата класифицирани како воени злосторства било оправдано од страна на хрватските судски органи. Во пресудата „Маргуш против Хрватска”, во предметот кој се води под број 4455/10 и која сѐ уште не е конечна, европскиот суд за човекови права едногласно заклучува дека нема повреда на членот 6 (право на правично судење), ниту повреда на членот 4 од Протоколот број 7 (право да не може човек да биде два пати суден или казнет за исто дело). Станува збор за пресуда од 2007 година на поранешен командир во хрватската војска, обвинет за воени злосторства извршени во 1991 година. Пред судот во Стразбур, хрватскиот државјанин се жалел дека кривичните дела за кој бил осуден биле исти со делата кои биле предмет на постапка што била запрена против него во 1997 година, со примена на Законот за општа амнестија. Хрватскиот суд во случајот на Маргуш пресудил дека помилувањето во делот на злосторствата против човештвото, воените злосторства и геноцидот, се смета дека е забрането во меѓународното право, а дека примената на законот за општа амнестија во случајот на Маргуш претставува „темелен дефект во постапката” и поради тоа наредил повторување на судењето.
Хрватот Фред Маргуш е роден 1961 година и моментално ја издржува казната затвор во Лепоглава, како што рековме, осуден на 15 години затвор. Првата кривична постапка против него била поведена во 1993 година, за дела против цивили, во кои биле вклучени убиства кои ги извршил во ноември 1991 година како припадник на хрватската војска, но постапката била запрена во 1997 година врз основа на Законот за амнестија кој бил донесен во Хрватска. Тој закон предвидел дека нема да се казнуваат лицата кои извршиле кривични дела за време на војната во Хрватска од 1990 до 1996 година, освен за дела од најтежок вид, како што е кршење на хуманитарното право и воени злосторства. Но, неколку месеци подоцна, во 2007 година, хрватскиот Врховен суд, одлучувајќи по барањето за заштита на законитоста поднесено од јавниот обвинител, донел одлука дека неговото ослободување е спротивно на Законот за амнестија, по што бил осуден на 14 години затвор, која казна е зголемена на 15 години откако се жалел пред повисокиот суд во Хрватска и е испратен на издржување на казната. Судот во Стразбур заклучува дека намерата на Хрватска не била да даде тотална амнестија за сите дела и затоа во законот биле издвоени делата кои подлежат под меѓународното хуманитарно право и кои не застаруваат. Таков е случајот и во Македонија, каде што беше наведена надлежноста на Меѓународниот суд за поранешна Југославија, но тој дел од законот практично исчезна со автентичното толкување. Од тука, како што вели судот во Стразбур, правото на Хрватска да води повторна постапка за воени злосторства не го сметаат за повреда на европската конвенција. Случајот на Маргаш завршил во 2009 година кога Уставниот суд на Хрватска ја отфрлил неговата уставна тужба, по што тој на крајот на 2009 година поднел барање во Стразбур.
Судот во Стразбур дозволува оваа одлука на седумте судии да биде изнесена по жалба пред големиот совет и доколку тој ја потврди, станува правосилна уште истиот ден. Судовите во Хрватска утврдиле дека Маргуш убивал и мачел српски цивили кои претходно биле заробени, а по убивањето на цивилите било вршено пљачкање на нивните домови и имотот. Судовите навеле дека со ваквите дејствија, осудениот со три акти извршил повреда на меѓународното право, посебно на Женевската конвенција за заштита на цивилите за време на војна. Пресудата ја донеле судиите: Анатолиј Ковлер од Русија, Нина Вајиќ од Хрватска, Пјер Лорензен од Данска, Елизабет Штајнер од Австрија, Ханлар Хајијев од Азербејџан, Линос-Александар Сицилианос – Грција и Ерик Моше од Норвешка.
Што се однесува за прашањето, дали одлуката од 1997 година за прекинување на кривичната постапка според Законот за амнестија на Хрватска може да се сфати како конечна ослободителна пресуда, поврзана со членот 4 од Протоколот број 7, Судот во Стразбур утврдил дека немало истрага и обвинение против него, па затоа не може да се смета дека запирањето на постапката врз основа на амнестијата е конечна одлука. Судот во Стразбур посочува на законската можност против едно лице да биде преземено кривично гонење на исто обвинение во согласност со националните закони, каде што постапката се обновува поради пронаоѓање на нови докази или откривање на „темелен дефект” по кој е завршена претходната постапка. Во втората постапка против хрватскиот старешина некои од делата за кои се гонел биле квалификувани како воени злосторства против цивилно население и со нив е прекршено меѓународното право. Дополнително и хрватскиот Врховен суд утврдил дека Маргуш имал извршено воени злосторства, а Законот за амнестија бил погрешно применет околу процесуирањето на тие дела, со тоа што законот бил толкуван така како што им одговарал во тој момент на поединци. Судот во Стразбур, се наведува во одлуката, порано сметаше дека должност е на државите да ги истражат делата како што се нечовечко постапување, мачење или понижување и дека се обврзани за гонење на криминалците, со тоа што не смее да се загрозува правниот поредок со давање на амнестија за неказнување, а не казнувањето преку Закон за амнестија треба да се смета како спротивно на меѓународното право. Судот сметаше дека мора јасно да се знае како се постапува со воените злосторства. Давање амнестија во однос на злосторствата против човештвото, воените злосторства и геноцидот, се смета за забрането во меѓународното право. Во тоа светло, Судот за човекови права во Стразбур го прифати ставот на хрватската влада дека давањето амнестија на Маргаш, подоцна е укинато бидејќи се утврдило дека тој се гони за воени злосторства против цивилно население, а претходната постапка е оценета како грешка во постапката, во поглед на став 2 на член 4 од Протоколот број 7 на Европската конвенција, кој оправдува повторување на судски постапки. Затоа, судот едногласно заклучи дека нема повреда во случајот на Маргуш против Хрватска.
ЌЕ ИМА ЛИ МАЖ ЗА ПРАВНО ЗАТВОРАЊЕ НА ПОСТАПКИТЕ
По ваков став на Стразбур, на секој правник треба да му е јасно дека Европскиот суд нема да го проблематизира повторното отворање на македонските случаи, дури може и да наложи нова постапка кога ќе дојде предметот кај нив, бидејќи националното законодавство не е обврзувачко за нив и тие ги гледаат повредите што се сторени во поглед на конвенциите и меѓународните акти. Од одлуката на Уставниот суд во Македонија и нема што да се цитира, бидејќи е препишување на законските текстови. Но, еве што пишува во делот зошто овој суд не смета дека има повреди со автентичното толкување на Законот за амнестија: „Според Судот со оспорениот закон не е направена повреда на уставно загарантираните и непрокосновени: право на живот, право на физички и морален интегритет и право на слобода со донесувањето на актот за амнестија. Имено, правото на државата да даде амнестија, не ги повредува одредбите од Уставот што ги гарантираат наведените права. Ова од причина што повредата на овие уставни права, во кривичните норми добиваат обележје на конкретно кривично дело и тие дела соодветно се санкционираат. Исто така, не постои уставна забрана на сторителите на овие најтешки кривични дела или кое било кривично дело да им се даде амнестија од страна на Собранието на Република Македонија”.
Од друга страна, во член 1 став 4 од законот е определен исклучок во примената на амнестијата по однос на лицата кои извршиле најтешки кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка. Вториот исклучок е предвиден во член 3 став 2 од законот, на начин што амнестијата не се однесува на осудените лица, помеѓу другото и за кривични дела против човештвото и меѓународното право.
На ред е Стразбур, чија одлука може да биде разочарувачка за луѓето опфатени предметите: Водството на ОНА, Липковската брана, исчезнатите Македонци и малтретирањето на мавровските работници
Врз основа на изнесеното, се вели во одлуката на македонскиот Уставен суд од крајот на октомври 2012 година, може да се заклучи дека со предвидените исклучоци во членот 1 став 4 и членот 3 став 2 од законот, се обезбедени механизми за заштита на наведените неприкосновени права, со оглед дека нивната повреда е окарактеризирана како тешко кршење на меѓународното хуманитарно право, односно како кривични дела против човештвото и меѓународното право.
Рековме, судот со мнозинство гласови ја донесе одлуката, па сега на ред е Стразбур, чија одлука може да биде многу разочарувачка за повеќе од 50 луѓе во Македонија, опфатени во четирите предмети: Водството на ОНА, Липковската брана, исчезнатите Македонци и малтретирањето на мавровските работници. Македонија е една од ретките земји во светот која со целосна амнестија го завршила воениот конфликт, спротивно на меѓународните норми, посебно што во еден предмет осуден е претставник на државата преку предметот „Љуботен”. Следствено на динамиката на работење на Судот во Стразбур, може да се очекува предвремено ослободување на осудениот Јохан Тарчуловски, но и нови судски процеси против сегашниот партиски врв на ДУИ, пратеници, градоначалници и државни функционери, чии постапки завршија со толкувањето на Законот за амнестија, но не и со правосилна судска одлука во која ќе имаше утврдено вина!
Целиот текст: Не е дозволена амнестија за воени злосторства и државите секогаш можат да ги обноват запрените судски постапки!

Следете не на Фејсбук. Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!! За 5Г контроверзата ПРОЧИТАЈТЕТУКА.
loading...