Не сме сите доволно силни, некои „пукаат“ од страв дали ќе имаат доволно за храна и лекови, други плачат во осаменост

Loading...

Ден 32 во домашна изолација. Излегувам само до продавница и до аптека на неколку денови за да го купам најнеопходното.
Верувам, како и многумина други, дека никогаш не сме се соочиле со ваква ситуација досега. Да седиме дома, додека силно нè бодрат дека на овој начин го спасуваме светот.
Тоа е вистина. Навистина го спасуваме светот. На почетокот започна малку смешно, односно ние си го свртевме на шега… каква корона, далеку е Кина, нема да стигне до нас. Ма каква корона, топ не нè бие, сме преживеале турско и што друго не, за еден вирус ли е.
Но, не било баш така. Денес, со над 900 заболени од вирусот, реалноста ја набљудуваме без шеги и розови очила.
Интровертните луѓе на почетокот си кажуваа шеги на сопствена сметка. „За вас домашен карантин, за мене само обичен викенд“.
Да, до некаде навистина е точно. Некои што не излегувале премногу и немаат толкава потреба од социјализација можеби помирно го пребродуваат овој турбулентен период.
Сепак, и најтврдите оревчиња пукаат. И не сите сме исти. Колку и да размислуваме трезвено и да си влеваме надеж и оптимизам, реалноста некако нè стигнува и ни ги грицка мислите. Се грижиме за себе, но и за најблиските. За децата – да не се заразат од некаде?
За родителите, кои ни се стари и болни. Ќе се снајдат ли? Ќе успеат ли да ги платат сметките, бидејќи тешко им оди плаќањето онлајн? Ќе имаат ли доволно лекови, доволно за јадење?
И ваквото секојдневие малку по малку ни ја труе душата. Одеднаш не можете да заспиете 3 вечери по ред, почнува да ве мачи несоница, тахикардија и лоши мисли, практично зачеток на анксиозни напади.

За депресијата и не сакам да зборувам. Апсолутно присутна е, сакале да признаеме или не. Ние сме народ кој сака да излегува, да се дружи, да лумпува до раните утрински часови.
Ни треба друштво, ни треба кафе на сонце, ни треба кафеанче, ни требаат излети… ни недостасува едноставно слобода. Но, не смее сега да се откажеме. Мора да издржиме. За да дојдат повторно овие среќни времиња.
Многумина си го исполнуваат времето со активности. Од готвење до читање книги и гледање серии, па дури и напорно вежбање, местење сложувалки од 1000 парчиња… и секоја чест за нив. Но, кога дел од овие луѓе ги обвинуваат другите како не се доволно силни да го издржат притисокот, верувајте дека не постои посебичнo нешто во моментов.
Да, не се сите доволно силни. Да, на многумина им е потребна помош и поддршка. Од една страна постојано се укажува на броевите за психолошка поддршка и советување, од друга им се смеат на луѓето кои се на работ да побудалат. Зарем ова не е лицемерно однесување?
Кој ви дава за право да им судите на луѓето кои не ги познавате, од различни средини и социјални слоеви за она што го чувствуваат? Не е само неизлегувањето од дома.
Тука е стравот за работното место. Ќе ме отпуштат ли? Ќе ми ја намалат ли платата? Ќе успеам ли да го плаќам кредитот, да ги покријам сметките? Ќе имам ли доволно за храна и лековите кои морам да ги пијам?
Сите се соочуваме различно со стресот и да – некои луѓе психички попуштаат. Што има тука за чудење или смеење?
Некои отворено кажуваат дека целата оваа ситуација ги вознемирува, ги вади од колосек. Ги плаши, буквално им го скратува воздухот во градите. И иако не треба да биде така, сепак кај некои луѓе се случува.
Оние надмените коишто убедуваат дека секој може да истрпи се лажат. Не сте над ситуацијата, не сте семоќни. Да, вие можеби го туркате некако денот. Но помислете, можеби некој од вашите најблиски е во паники поради икс причини. Што има тука смешно?
Наместо да се силите, да глумите кул и најпаметни, можеби е време да пронајдете малку емпатија во вашето срце. И да сфатите дека човечноста е квалитет кој никогаш не излегува од множеството на добри манири.
Навистина, ова не е време за осуда. Ова е време за поддршка и прифаќање. Па следниот пат кога ќе се слушнете или ќе си пишете со некого, само прашајте – како си? И ислушајте го.
И кога соговорникот ќе ви признае дека е тажен, исплашен, нервозен, уништен и дека не му оди баш најдобро во моментот, без никакви предрасуди и обвинувања, наместо да му солите памет, можете едноставно да го направите најдоброто нешто и да го прашате – Дали можам некако да ти помогнам?
Наместо да ги осудувате, бидете тука за луѓето. Покажете им дека не се сами и дека ова ќе заврши, само мора да го издржиме овој период.

loading...