„Не ти работам за почетна плата од мизерни 200 евра!

Некој ден успеав да ја слушнам и оваа мудрост. Ние Македонците сме генерално самопрокламирани експерти на секое можно поле – од религија и фудбал до политика и астероиди, а очигледно експертизата ја започнуваме од најмали нозе.
Ќерката на мојата пријателка која годинава стана апсолвент, веќе на големо си ја крои иднината, а таа започнува вака: Не ти работам за мизерни 200 евра!
Пријателката само си ги крена рамениците додека лицето ѝ се обои црвено, а јас ја замолив ќерката да ми објасни како без ниту еден ден работно искуство и без некој особено просперитетен факултет (значи не е програмер, впрочем ништо поврзано со IT или маркетинг индустријата), планира да си побара почетна плата која ќе надминува 200 евра.
„Ете така, ќе си побарам! Вие ако не си се цените доволно, јас си се ценам“. И така ноншалантно ни се развика, ја тресна вратата и отиде да пие кафе со другарките со 200 денари што ги измоли претходно од мајка си.


Многу сакам да знам – во кој свет живеете бре деца? Знаете ли во која држава се наоѓаме и каква е ситуацијата кај нас? Сте се запрашале колку плата земаат луѓето кои работат во рудник и се спуштаат во јама црна како ноќ на 250 m длабочина, ризикувајќи си го животот секојдневно во обид да стават парче леб на масата?
Знаете колку изнесува просечната плата на една шивачка во текстилната индустрија? На касиерки кои во паузите мора да бидат и чистачки и редачи на роба и да се молат на крајот од денот со пребројувањето да не им фалат 100 денари затоа што ќе мора да си ги платат од џебот?
Или им ја знаете платата само на директорите, на крадците и криминалците? Ним отворено им се воодушевуваме, ама сопствените родители си ги плукаме. Простички се тие, работат таму некаде од утро до мрак за мизерни 200 евра плата. Кои глупаци, просто човек да се засрами од нив!
Заборавивте кој ве создаде, кој ве израни, кој ве прати на училиште да се описмените и кој сè уште на 22 години ви дава 200 денари за кафе, затоа што не можете да го мрднете малку газот и да заработите свои пари.
Затоа што ви е под нивото да работите што било со недовршен факултет, со нула искуство и со никакви посебни вештини и способности. За што очекувате да ве одберат, за убавото лице и долгите нозе? За тоа плата не се дава.
Кога ќе ми текне што сè работев да стигнам онаму каде што сум сега… слушајќи ги овие коментари ми се гади, што од вас, што од родителите кои не ве научиле на работа и да го цените денарот што тешко се заработува.
Лесно е да се трошат туѓи пари, оди да те видам потроши ги во еден ден твоите!
„Деца се, нивно е само да учат!“ До кога се бре деца, до 22, до 32 години, уште квакнати во детската соба со плишани мечиња и кукли, со молзење пари за кафе, цигари и влошки.
Браво за вас и вашите дечиња што не виделе ден мака и згора на сè мудруваат околу работи за кои воопшто немаат поим.


Јас почнав со работа на 19 години, паралелно додека студирав. Првата месечна плата ми изнесуваше 4.500 денари. И издржав цела една година! Што веќе не работев, од комерцијалист, до преводи и семинарски. Куцав додека прстите буквално не ми прокрвареа.
Куцав по цели ноќи додека не се раздени, куцав семинарски за ваквите кукли и батиња кои не прифаќаат почетна работа со мизерни 200 евра!
Со нивните пари преживував додека бев студент и не побарав ниту денар од моите родители. Срамно беше да се бара пари на 23 години од дома. Моите создале фамилија на тие години.
И тоа куцање покрај парите ми донесе и други позитивни придобивки. Денес куцам веројатно најбрзо од сите коишто ги познавам и не ми треба половина час да ги откријам Ч и Ж на тастатурата.
Не сум отишла на никаков курс по компјутери и англиски, затоа што сè можеш да научиш сам, само доколку имаш желба и доколку си упорен и вреден.
Вие немате желба за ништо. Не знаете каде живееме и колку од луѓето не можат да си дозволат годишен одмор, додека вие ја свртевте Европа и светот со евтините летови на грбот на мама и тато.
Не знаете колкумина не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно, додека вие се муртите на готвените јадења дома.
Никогаш не се потценувајте и секогаш барајте повеќе. Но, бидете реални и приземјени кога се работи за вашите квалитети. Ги немате. Вие сте обична нула. Не се истакнувате на никаков начин.
И спијте на увото дека некој ќе ви понуди 500 евра почетна плата. Само немојте да се успиете предолго и да се разбудите 40-годишни и сè уште во креветот во детската соба под покривот на мама и тато.

Loading...