Новиот iPad Pro се витка како лист хартија

Откако неколкумина корисници на Reddit се пожалија дека новиот iPad Pro премногу лесно се витка, на YouTube каналот “JerryRigEverything” е објавен видео кое што најдобро докажува колку е издржлив новиот таблет на Apple.
Новиот iPad Pro на Apple е несомнено најмоќниот таблет на пазарот и располага со хардвер кој што е помоќен од поголемиот дел на преносни компјутери.
Досегашните рецензии имаат само пофални зборови за новиот таблет на американската компанија – покрај хардверот, посебно се истакнува и дизајнот. Но, сега се појави проблем со квалитетот на таблетот, не во однос на материјалите, туку во однос на цврстината на главната рамка која што дозволува таблетот да се свитка премногу лесно.

„Се витка како хартија“, коментира Џери и објаснува дека очигледно најслабите точки на таблетот се наоѓаат на средината, каде што се наоѓа отворот за микрофонот и докот за бежично полнење на пенкалото. Тој предупредува дека доколку таблетот го носите во ранец, никако да не се потпирате на него затоа што би можеле во најмала рака да го деформирате куќиштето. На YouTube каналот “JerryRigEverything” е објавено видео на кое што се тестира колку таблетот е отпорен на гребнатинки, но и колку таблетот е издржлив на виткање, затоа што сепак, таблетот секојдневно ќе се користи, ќе се наоѓа во ранци, на кревет каде што некој би можел да седне врз него и слично.