Новоизбраниот гувернер на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска денеска ќе ја преземе функцијата

Loading...

Новоизбраниот гувернер на Народната банка на Република Анита Ангеловска – Бежоска денеска ќе ја преземе функцијата од досегашниот гувернер Димитар Богов.
Примопредавањето на функцијата ќе се изврши во Народната банка на Република Македонија.
Анита Ангеловска – Бежоска беше избрана вчера од страна на Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. За неа гласаа 81 пратеник, воздржани и против немаше.
Ангеловска-Бежоска е петти гувернер на НБРМ и прва жена на оваа позиција. Доаѓа од вицегувернерското место во Банката, на кое беше реизбрана лани во септември.
Претседателот Ѓорге Иванов ја предложи Ангеловска-Бежоска за гувернер на НБРМ откако претходно предложениот Димитар Богов се повлече од кандидатирата, под влијание на реакциите и роковите за избор на гувернер.


Иванов во својот предлог посочи дека Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на НБРМ, е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.
Ангеловска-Бежоска осум години беше на функцијата вицегувернер во НБРМ задолжена за областите монетарна политика, истражување и статистика.
Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани меѓу фондот и земји-членки. Од 1996 до 2004-та таа работела во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.
Гувернер на НБРМ во последните седум години беше Димитар Богов.

loading...