Обраќање на претседателот Пендаровски по повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

По повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски се обрати на свечената церемонија што се одржа во Кабинетот на претседателот и во чии рамки беа доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Почитувани граѓани,

На Свети Илија го славиме нашиот најголем државен празник, затоа што на денешен ден, македонскиот народ и неговите сонародници ги воспоставија своите две републики – Крушевската во 1903-та и асномската во 1944 година. Барајќи излез од авторитарните монархии и автократските режими кои систематски го обесправувале, асимилирале и експлоатирале, македонскиот народ спасот го нашол во републиката како најправеден и најпрогресивен државен поредок. Поредок кој требало да му овозможи да има слободна, функционална политичка заедница обединета околу општото добро и јавниот интерес. 

Крушевскиот манифест ни ги дава контурите на Републиката за која се бореле илинденците – Република положена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера.

Визијата за Републиката е надградена за време на Народноослободителната и антифашистичка војна во која партизаните ги обединија сите прогресивни сили во широк национален фронт. На слободните територии беа воспоставени народноослободителни одбори како никулци на идната асномска република, која по самата своја суштина беше национална и антифашистичка.

Борејќи се за една таква прогресивна антифашистичка република многумина ги дадоа  своите животи, меѓу нив и нашата прва партизанка, Невена Николова Георгиева-Дуња. Невена својот краток живот го посвети на борбата за социјална правда и национална слобода. Веруваше дека преку антифашистичката борба и жените ќе се изборат за својата рамноправност со мажите. Невена учествувала во формирањето на дури три партизански одреди – Скопскиот, Струмичкиот и Велешкиот. Пеш ја има крстосувано татковината и како Дуња, Стојка и Рајна го мотивирала народот да се вклучи во борбата. Гонета од фашистичкиот окупатор и неговите контрачети, Невена херојски загина за да им овозможи на своите соборци безбедно да се повлечат и да ја продолжат борбата за слобода.

Споменот за неа е толку силно врежан во нашата колективна меморија, што ако денеска ги прашаме луѓето, огромното мнозинство од нив, без задршка ќе речат дека Дуња е народен херој од НОБ. За жал, фактите зборуваат дека е направен пропуст и дека таа никогаш не била прогласена за народен херој. Затоа, во знак на благодарност, ние денешните генерации, постхумно ја одликуваме со Орден за воени заслуги. 

Драги сограѓани,

За да видиме за каква република се избориле учесниците во НОБ, треба да погледнеме во животната активност на великаните на таа славна антифашистичка генерација, по војната. Еден од нив е и Крсте Црвенковски, првоборец и народен херој кој активно учествувал во народното востание од самиот почеток на 11 октомври 1941. Тој лично сведочи дека „во одлуките на АСНОМ стремежите за сувереност и државност на македонскиот народ и Републиката се кристално јасно формулирани. На таа основа беше заснована новата македонска република“.

Како долгогодишен член на највисокото политичко и државно раководство на републичко и на сојузно ниво, Крсте Црвенковски имал можност да ја преточи во дело неговата визија за Републиката како општо добро. Третирајќи ги сојузните републики како национални држави на конститутивните народи на Југославија, Црвенковски се залагал за децентрализација на федерацијата и почитување на легитимните интереси на републиките. Неговата улога во основањето на Македонската академија на науките и уметностите, развојот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и возобновувањето на Македонската православна црква, сведочи за неговата визија за македонска република со развиено образование и наука и со автономија на културниот и духовниот живот. Бил против ригидното разбирање на партискиот монопол, за либерализација на политиката и демократизација на државата. Доживувајќи го македонскиот мултиетнички амбиент како предност, а не како недостаток, активно се залагал за целосна еманципација и афирмација на немнозинските заедници.

Пред 33 години, како млад човек кој прв пат навлегува во водите на политиката, имав чест да го запознам, заедно со неговите истомисленици Славко Милосавлевски и Ќамуран Тахир и лично да посведочам дека иако биле дел од монопартискиот систем, знаеја да го насочат погледот и надвор од идеолошките параметри на времето.   

Имајќи ги предвид сите негови заслуги, постхумно го одликуваме Крсте Црвенковски со Орден на Република Северна Македонија.

Почитувани сограѓани,

Славната антифашистичка генерација полека ја напушта историската сцена. Се помалку меѓу нас ги има живите учесници во тие настани. За жал, низ годините на независноста сведочевме и на обиди да се релативизира значењето на НОБ, а со тоа и на делото на нашите партизани. Во пресрет на Илинден имав чест да посетам неколкумина од преживеаните борци и да ги прашам за што се бореа и против кого се бореа. Сеќавајќи се на борбата за слободна македонска република, Илија Дуновски од Охрид ми рече, „битката не се добива само со пушка, но и со срце, со храброст.“ Затоа, денес, на сите живи партизани, им се заблагодаруваме со Медали за храброст.

Со овие одликувања ние денес на симболичен начин правиме обид за исправање на неколку историски неправди. Првата, направена со пропустот Невена Георгиева-Дуња да биде прогласена за народен херој. Втората со отстранувањето на Крсте Црвенковски од јавниот и политичкиот живот поради неговите либерални ставови и прогресивни политики. Третата со обидите да се релативизира значењето на НОБ и АСНОМ како папочна врска меѓу нашиот прв и нашиот трет Илинден.

Почитувани,

Овој чин го правиме во период кога нашата држава по кој знае кој пат се соочува со обидите да биде негирана националната самобитност на македонскиот народ и да бидат оспорени неговите уникатни национални белези.

Револтот на граѓаните е оправдан, затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци, сепак, создала простор во кој луѓето се слободни и свои.

Во рамките на нашите заложби за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови.

Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата.

Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија.  

Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт. 

Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината.  

Драги сограѓани,

Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина.

Нека е за многу години Илинден!

Да живее Република Северна Македонија!

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.