Обраќање на претседателот Пендаровски и одликувања по повод 18 Август – Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост, што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија и јубилејот „30 години Армија“, се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.

Во рамки на централната свеченост, претседателот Пендаровски ги одликуваше првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија, со Орден за воени заслуги.

Трајан Гоцевски е одликуван за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија.

Логистичката база при Армијата се одликува за особениот, стратешки, долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија, со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Логистичката база својата подготвеност ја покажа со низа активности во текот на справувањето со мигрантската криза и пандемијата на КОВИД-19.

Организацијата на резервни офицери се одликува за особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија, а по повод 70 години од нејзиното формирање.

Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Видео-материјал: https://youtu.be/1qFg6SKS4Aw

Фотографии: https://flic.kr/s/aHBqjA3r4C

Почитувани припадници на Армијата,

ветерани на македонската одбрана,

Ценети екселенции,

Драги сограѓани,

Чест ми е да ве поздравам на овој јубилеен ден – 30 години од создавањето на македонската армија.

На 18 август 1943 година, борците од неколку партизански одреди се здружија за да го формираат баталјонот „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица на македонската народноослободителна војска која, како дел од антифашистичката коалиција, низ борба ја создаде македонската држава.

Како што во Втората светска војна, војската ја создаде државата, во 1992-та, независната македонска држава создаде своја Армија. 18-ти Август е симбол на историскиот континуитет, затоа што вие, припадниците на Армијата сте наследници на славната антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава во свет ослободен од фашизмот.

Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава. Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден. Сакам, во оваа пригода, денес, на овој голем јубилеј, посебно да го поздравам првиот регрут во македонската армија – Панче Јамандиев од Велес.

Низ годините, Армијата забрзано се модернизираше следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната. Беше вложувано во образованието на кадрите, пред сé, на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, но, и на воено-образовните установи во земјите-членки на НАТО. Значајно искуство се стекнуваше и преку активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, од Обединетите нации и од нашите стратешки партнери.

Сепак, на овој ден, треба да се потсетиме не само на формирањето и развојот на армијата, туку и на основната причина за нејзиното постоење, а тоа е правото на секоја држава на самоодбрана. Армијата го брани нашиот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, но и нашето национално достоинство и чест. Во овој контекст, Армијата беше ангажирана во справување со клучните предизвици на државата, од Косовската криза во 1999-та, преку воениот конфликт во 2001-та, па се до мигрантската криза во 2015-та година. Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, од граѓаните. Оттука, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава.

Освен нејзините традиционални задолженија, Армијата секогаш им даваше поддршка и на надлежните институции при справувањето со елементарните непогоди и катастрофи, пожари и поплави, преку одрони и хаварии, па се до најкритичните периоди на пандемијата на Ковид 19. Без сомнение, благодарение на Армијата беа спасени многу човечки животи и беа избегнати далеку поголеми материјални штети.

Почитувани,

Армијата беше и главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера еден ден таа да биде целосно интегрирана во Евроатлантскиот безбедносен систем. Од тогаш минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи. Но, Армијата се реформираше во континуитет и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Затоа нема да погрешиме ако кажеме дека како држава го постигнавме нашиот, до сега, најголем надворешно-политички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа. Армијата продолжува да биде нашиот најважен влог во колективната одбрана. И денес, нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централно Африканската Република, на Косово и во НАТО мисијата во Латвија.

Низ годините, Армијата прерасна и во кохезивна сила на македонското општество. Во неа сите наши етнички, верски и јазични разлики се обединети во лојалноста кон нашата заедничка татковина. Важен дел од трансформацијата на Армијата беше, а, ќе биде и понатаму, сè поголемата вклученост на припадниците на немнозинските етнички заедници, и на жените, во сите армиски структури, на сите нивоа, вклучително и во специјалните единици. Притоа, врвни критериуми за регрутација и напредување остануваат да бидат професионалните квалитети, посветеноста кон војничката професија и личниот интегритет.

Ценети присутни,

Зад тридецениските успеси на Армијата стојат генерации војници, офицери и носители на одлуки кои макотрпно придонесуваа за истата цел: изградба на современа одбрана во служба на татковината. За нивниот  придонес, во изминативе 30 години, многу поединци, учесници во мировни мисии и формациски единици, со право, беа одликувани за нивните индивидуални и колективни заслуги. Денеска, како Врховен командант на вооружените сили имав чест да ги одликувам првиот министер за одбрана, професорот Трајан Гоцевски, Логистичката база на Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија, со Ордени за воени заслуги. Со тоа, во името на македонските граѓани, им се заблагодаривме за нивната непроценлива улога во градењето на нашата Армија.

Почитувани присутни,

Последниве години, и ние, но и Европа и светот минуваме низ цела серија на турбулентни настани и процеси. Заедно со нашите сојузници се соочуваме со нестабилност предизвикана од војната во Украина, од геополитички тензии во различни делови на светот, економски и енергетски шокови, ограничување на човековите слободи и нарушување на владеењето на правото, како врвни демократски вредности.

Уште од првиот ден ја осудивме незаконската агресија на Русија врз Украина и се солидализиравме со украинскиот народ. Таа солидарност не е само вербална, туку и конкретна, за што сведочи и помошта, вклучително и воена, што, како НАТО членка и во рамките на нашите можности, ѝ ја даваме на Украина. Во новиот геополитички контекст, ја поддржавме и стратешката одлука за проширување на Алијансата, со тоа што, меѓу првите, ги ратификувавме во македонскиот парламент,  договорите за прием на Финска и Шведска во НАТО.

Трагичното украинско искуство покажува дека освен традиционалните воени закани, се поприсутни се и новите, асиметрични и хибридни закани кои не смееме да ги игнорираме. Тука спаѓаат и кампањите за дезинформации преку лажните вести што имаат за цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите и да го дестабилизираат демократскиот поредок.

За да ги неутрализираме сите овие закани, треба да продолжиме да вложуваме во одбраната и, не подоцна од 2024 година да го постигнеме стандардот на издвојување на најмалку 2% од БНП. Тоа е предуслов за натамошна модернизација на армијата и имплементација на реформите, со што, директно го јакнеме  и целокупниот македонскиот безбедносен систем.

Почитувани припадници на Армијата,

Во оваа јубилејна година, кога го славиме минатото и ја проектираме иднината, свесни сме за најголемиот товар што го носите токму вие, храбрите мажи и жени во униформа. Сигурен сум дека како и до сега, така и од сега, ќе продолжите да бидете одговорни и совесни чувари на државата, заштитници на граѓаните, стожер на нашето мултиетничко општеството и влог и во националната и во колективната одбрана и безбедност.

Нека е за многу години Денот на Армијата!

Да живее Република Северна Македонија!

Ви благодарам!

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.