Обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, којашто се одржува во организација на Фондацијата Метаморфозис, а со цел градење на мулти-секторски пристап за решавање на овој важен проблем преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.

Благодарам на Фондацијата Метаморфозис за поканата да се обратам на овој настан посветен на исклучително важна тема.

Дезинформациите не се ништо ново, бидејќи се стари колку и човековата историја. Нова е брзината и опфатот со кои се шират во нашево дигитално време, преку социјалните мрежи и медиуми. Пандемијата на КОВИД-19, руската инвазија на Украина и економската и енергетска криза ја покажаа не само моќта на дезинформациите да се шират лесно, туку и колку е тешка борбата за нивно препознавање и сузбивање.

На глобално ниво, има три двигатели на дезинформациите.

Прво, човековата тенденција да им веруваме на оние информации што го потврдуваат нашиот светоглед. Дигиталните алгоритми само го засилуваат овој ефект бидејќи ги изолираат луѓето преку процесите на информирање со филтрирани информации според интересите кои самите тие ги изразиле на дигиталните платформи, на тој начин формирајќи тн. информациски меури во кои тешко пробиваат поинакви ставови од нашите. Филтрирањето на различните, па и спротивните мислења придонесуваат за вкоренување на одредени предрасуди и вредности, со што се зголемува недовербата и се продлабочуваат поделбите во општеството.

Второ, ширењето на дезинформациите е поврзано и со инстантната глобална комуникација и притоа, инстинктивно, вниманието ни го привлекуваат информациите што предизвикуваат страв и несигурност.

Третиот, можеби и најголем проблем со ширењето на дезинформациите е сѐ почестата појава на сомнежи во мислењата на науката и експертското знаење, што го доведува во прашање постоењето на објективна вистина, тренд кој станува сѐ повидлив на глобално ниво.

Ова, според мене се трите двигатели на дезинформациите на глобално ниво, но, кај нас, според мене, има два дополнителни фактори.

Прво, закочените европски интеграции. Народот е уморен од чекање. Резултатите од истражувањето на Метаморфозис покажува дека најголем дел од македонските граѓани се согласуваат нашата земја да влезе во Европската Унија, но, не по цена на компромиси со соседните држави. Второ, поради закочените интеграции, ние со години, наместо со суштински европски реформи се бавевме со самите себе. Тоа негативно се одразува на функционалноста на институциите и владеењето на правото во земјава, што содава плодна почва за ширење на дезинформациите. Гледаме дека цената која заради тоа ја плаќаме е огромна. Нејзин највидлив и најдевастирачки аспект е иселувањето на луѓето.

Според истражувањето на Метаморфозис, дезинформациите се опасни и по јавното здравје и животот на луѓето. Еве само неколку бројки кои запрепастуваат: над 60% од македонските граѓани веруваат дека светските сили го создале КОВИД-19 заради економска и политичка корист. Половина од граѓаните веруваат дека светските елити го создале вирусот за да го намалат бројот на луѓе на планетата. Над 45% граѓани не веруваат во постоењето на вирусот и сметаат дека наративот е дел од некаков си заговор на светската елита за да ни ја одземе слободата. Поради овие дезинформации многу наши сограѓани платија со своето здравје, а, 9.300 и со своите животи.

Дезинформациите ги поткопуваат демократските вредности. Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Сведоци сме на истражувања во последните години дека големо мнозинство од младите во Северна Македонија имаат наклонетост кон лидери со цврста рака, односно, политичари со авторитарни тенденции. Ова, меѓу другото, е директна последица на поддршката на авторитарните наративи што се шират преку дезинформациите.

Дезинформациите се насочени и против нашата евро-атлантска ориентација. Особено по почетокот на руската инвазија на Украина, Северна Македонија е мета на кампањи на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат анти-западно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат стратешките определби, дезинформациите, во одреден контекст, можат да придонесат за дестабилизирање и на самата држава.

Почитувани присутни,

Најдобра заштита од кампањите за дезинформации и од малигните геополитички влијанија, е постоењето на општествена, системска, медиумска, но, пред сѐ, лична отпорност кон дезинформациите. Неопходен ни е заеднички пристап на национално ниво, со консензус на клучните политички чинители за справување со дезинформациите.

Мора да градиме култура на критичко мислење, бидејќи критичкиот ум што ги проверува и преиспитува информациите е најголемата одбрана од дезинформациите. Затоа, треба да ги поддржиме иницијативите за медиумска писменост не само за младите, туку за сите генерации, бидејќи и пандемијата, а, сега и војната во Украина покажуваат дека и возрасните се подложни на дезинформации.

Притоа, не смееме да изгубиме од предвид дека борбата против дезинформациите е истовремено борба за заштита на фундаменталните слободи на говор, на мисла, совест и верување.

Наместо едноумие, треба да градиме демократски амбиент во кој преку различните мислења и погледи, не преку пропаганда, ќе доаѓаме до вистината. А вистината е базична претпоставка за да има доверба меѓу луѓето и доверба на граѓаните во институциите. Без тоа нема прогрес.

Ви благодарам.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.