Објавено овогодишното издание на поетскиот избор „Метрички карван“

Loading...

Деновиве во издание на ЈОУ Градска библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија беше објавено седмото издание на збирката поезија „Метрички карван“, годинава вклучувајќи стихотворенија, покрај од градот-домаќин, и од градот под Марковите Кули. Со тоа, по поетското издание „Метрички карван: Гевгелија – Битола“ од пред три лета, овогодишната збирка ги дообликува возвишените созвучја на јужното Повардарие со гласовите на Пелагонија.

Од гевгелиска страна, во збирката се вклучени до 3 песни од поетите: Стефан Марковски, Васил Тоциновски, Стефчо Стефанов, Катерина Гогова, Димитар Арнаудов, Јосип Коцев, Лилјана Пецова – Илиеска, Жаклина Атанасова, Јадранка Клисарова, Олгица Ќурчиева, Петар Јанчев и Пепи Стамков, а од прилепска – Василе Димески, Петар Петрески, Славчо Ковилоски, Сузана Ѓорѓиевска, Кирил Михаиловски, Игор Трпчески, Габриела Стојаноска – Станоеска, Тони Павлески, Жаклина Свеќаровска, Кирил Бисероски и Александар Војнески.

Во гевгелискиот и во прилепскиот поетски табор доминираат автори кои припаѓаат на помладите генерации творци кои со себе го носат модерниот/современ поетски сензибилитет кој ги воспева егзистенцијалните норми и димензии како мисла и смисла на светот и векот – минливоста, бесмислата, апсурдот и парадоксот. Во просторот се откриваат нивните бои, мириси и вкусови. Така во гевгелиските воспеви зад секој збор се калинката, смоквата, грозјето, крапот, молкот на езерската вода, а легендите и преданијата како далечно прилепско ехо ги отсликуваат каменот, карпите, тутунот.

Поетскиот избор „Метрички карван“ стокмен од Стефан Марковски и Дамјан Ѓуров од авторите на Гевгелија и Прилеп е седма книга на оваа веќе пошироко прифатена и афирмирана продукција.

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...