ОД ДЕНЕС И ВНАТРЕ ВО КАФЕАНА – ама безгрижните забавни ноќи уште долго ќе ги нема

Loading...

Не само на тераса, од денес кафулињата и рестораните ќе можат да служат гости и во своите внатрешни простории.
Откако Владата тоа го дозволи, вчера во Службен весник беа објавени и протоколите за работа во кафетериите, како и оние за работењето на рестораните, односно објектите во кои се служи храна. Овие правила за работење ќе важат и за надвор, и за затворениот дел од локалите, при што може да се забележи дека се исти со оние кои досега важеа за терасите.
Односно, вработените мора задолжително да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Потоа, се ограничува бројот на гости, односно тие единствено смеат да седат, а не и да стојт во објектот. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Еден од условите е задолжително менаџирање при влегување на гостите од одредено одговорно лице пред влезот на угостителскиот објект.
Останува иста и неопходата раздалеченост, односно, во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метри со соседните маси во сите правци.


Остануваат во игра и правилата дека на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, а четворица само доколку се од исто семејство.
Задолжително ќе мора да има поставено дезинфекционо средство за раце на секоја маса. Ќе мора да се вршат и засилени внатрешни контроли на вработените од одговорно лице за одржување на личната хигиена, во сите фази на подготовка, прием и послужување на пијалоци. Неопходни ќе бидат и засилени санитарно-хигиенски мерки, задолжително пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси, по заминување на секоја тура на гости. На крајот на смената, пак, ќе биде задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси, а алтернативно може да се користи 0,05 натриум хипохлорит. Неоопходно ќе биде и редовно одржување на тоалетите, со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на дезинфекциони средства. Забрането е користење на сушачи за раце и задолжително е користење на хартиени бришачи за еднократна употреба.
Како што вели протоколот, забрането е организирање на прослави, односно веселби, родендени и слично, и во отворениот и во затворениот дел од објектот. Забрането ќе биде и организирање на музички настани и внатре, и надвор во рамките на објектот.
Истите правила ќе важат и за рестораните, со таа разлика што кај нив, покрај гостите кои седат, ќе смеат да влезат и гости кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки на храна. Исто така, во рестораните ќе биде дозволен максимален број од 12 лица на споени маси, заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри.
Како што може да се забележи од протоколите, во нив остануваат правилата дека на една маса за четворица ќе можат да седат максимум двајца, освен ако не се семејство.
Според сознанијата на Фактор, за ова прашање се уште не сака да попушти Комисијата за заразни болести, и покрај тоа што угостителите, а и Министерството за економија, уште пред три недели бараа овој услов да не мора да се почитува.
„Се додека има високи бројки на заразени, Комисијата тоа не сака да го одобри. Не може ние како граѓани од една страна да бараме разлабавени мерки, а од друга страна да реагираме на високиот број на заразени“, велат нашите извори.
А како што е познато, веќе од саботата изминатиов викенд, локалите смеат да работат и после 22 часот, откако владината одлука за тоа излезе и во Службен весник. Односно, во петок и во сабота нив им е дозволено да бидат отворени до 01 часот после полноќ, а во работните денови до 24 часот.
Дали граѓаните „нагрнаа“ во локалите, во кафулињата и рестораните, и дали ќе се врати конечно ноќниот живот во земјава, ги прашавме угостителите.
Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК вели дека за тоа ќе биде потребно време, и ќе треба да почекаме. Делумно заради стравот кај луѓето, а делумно заради строгите правила кои мора да се почитуваат, граѓаните не поитаа да ги наполнат угостителските објекти, барем не во првиот „слободен“ викенд.


„Ќе треба да почекаме за да се врати оној урбан ноќен живот на кој бевме претходно навикнати. Се уште нема масовни излегувања, за тоа ќе треба време. Очигледно е дека новата нормалност ќе биде различна од претходната. Зошто е така, можат да се набројат микс од фактори и околности. Прво, тоа е стравот кај луѓето. Второ, треба да се почитуваат строги мерки за заштита, а тие се на пример, да се одржува 1,5 метри растојание меѓу секое столче. Исто така, се уште не е дозволено четворица да седат на иста маса, доколку тие не се од исто семејство“, вели Мартин Ангеловски за Фактор.
Во прилог на тоа дека опуштен ноќен живот уште извесен период сигурно нема да има, говори и фактот што сите казни и последици од однесувањето на гостите, сега паѓаат на товар на угостителите. Од тие причина и многу ретко има музика во рестораните, односно тоа инцидентно може да се забележи.
„Знаете како е, кога има музика и алкохол, може да дојде до случај целата ситуација тешко да може да се контролира. А факт е дека целата контрола за тоа како ќе се однесуваат гостите и за нивната социјална одговорност, сега паѓа само кај угостителите, од причина што само за нас се предвидени казни. Значи, ние одговараме за однесувањето на гостите. И она што е полошо, за угостителите е предвидена и кривична одговорност за непочитување на протоколите. Значи, едно е што има прекршочна одговорност и парични казни, но пострашно е што одговорното лице може да заработи и кривично гонење“, објаснува Ангеловски.
Граѓаните во земјва, кои поминаа неколку карантини и кои со душа чекаа да се врати забавата, дружењето и песната во кафеаните, огигледно таква весела атмосфера нема брзо да доживеат.
Во меѓувреме, работењето на ноќните барови се уште не е дозволено.

loading...