Од 39 денари за литар дизел во јануари 2016 до 71 денар во јануари 2022

Малопродажната цена на Еуродизелот ќе изнесува 39 денари за литар, на Еуросупер БС-95 ќе биде 57,5 денари за литар, а Еуросупер БС-98 ќе се продава за 59,5 денари за литар, известија медиумите на 25-ти јануари 2016-та година, кога цената на горивата (бензините и дизелот) беше на многу пониско ниво.
Со вчерашното поскапување за два денари, шест години подоцна, дизелот е поскап за 32 денари и неговата цена изнесува 71 денар за литар, додека цената на Еуросупер БС-95 која тогаш изнесуваше 57,5 денари за литар, односно Еуросупер БС-98 се продаваше за 59,5 денари за литар, сега изнесува 78,50, (Еуросупер БС-95) односно 80,50 денари (Еуросупер БС- 98).
Граѓаните се жалат дека цените на горивата секоја недела се покачуваат, а тоа се одразува на нивниот џеб. Такси превозниците незадоволни, велат не можат да постигнат да си ги платат давачките, а нивните корисници пред влегување прашуваат дали имаат попуст за возењето.
Цените на нафтата и бензините непрекинато растат секоја недела, вели за ТВ24 Мичо Стојановски од Синдикатот за сообраќај и врски при ССМ, а тоа значи дека транспортните претпријатија кои возат локален и републички сообраќај ќе треба да се заклучат. Стојановски вели дека работниците едвај составуваат крај со крај, а тоа се одразува на нивниот животен стандард.
Од Регулаторната комисија за енергетика за ТВ24 велат дека цените на нафтените деривати се берзански производ чија цена се формира од понудата и побарувачката, и дека земајава има најповолни цени на нафтените деривати во споредба со регионот.
– Последната одлука на РКЕ со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати е резултат на зголемените берзански цени од изминатата недела. Методологијата која се применува за пресметување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, е речиси идентична кај сите земји кои се зависно увозни од сурова нафта, а принципите кои се применуваат се дефинирани согласно пазарните услови (понуда-побарувачка) кои ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати. – велат од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Само два денари нé делат од историски највисоките цени на дизелот што сме ги имале во Македонија. Цената на горивата од полноќ се зголемија за два денара по литар, а со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,84 отсто.
Транспортерите пред банкрот
Транспортерите пред банкрот, возачите пред отказ. Со овие цени на горивата веќе не можат да опстанат на пазарот. Автобуските превозници се жалат дека цената на дизелот е највисока во последните десетина години, а нивните услуги не поскапуваат заради слабата куповна моќ на населението. Посебен проблем им се договорите на пример, со општините за превоз на ученици, кои се склучени порано по многу пониски цени, анализира ТВ Сител.
Дизелот бил поскап само во 2012. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика пред 10 години, цената на црното злато достигнала највисока годишна просечна цена од 109 долари за барел. Литар дизел тогаш чинел 72,5 денари за литар. И бензините биле малку поспапи. БС 95 чинел 80, а БС 98 81.5 денари за литар.
Во ваква ситуација, превозниците велат дека Владата треба да ги копира примерите од регионот и да помогне за секторот да опстане. Според нив, простор за тоа има затоа што во моментов од крајната цена на горивата директно во државната каса се слеваат од 38 до 45% на име на акцизи, даноци, такси за екологија и слично.
Рекордни цени барелот достигна во август 2008 година, за време на руско – грузискиот конфликт, чинеше 136 долари, но кај нас тогаш дизелот се продаваше по иста цена како денешната. Заради руско – украинските тензии, аналитичарите предупредуваат дека барел нафта ќе надмине 100 долари што дополнително ќе влијае на глобалната инфлација

Пронајдете не на следниве мрежи: