Опаѓа бројот на заразени и починати од Ковид-19, во тек се преговори за набавка на вакцини од Кина

Loading...

Бројот на новозаразени од Ковид-19 и починати се намалува, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Од 2.518 тестови, вчера се регистрирани 444 нови случаи, а бројката на оздравени е двојно поголема.
Во Скопје и натаму најголем број заразени, односно вчера речиси половина од новозаразените се регистрирани токму во главниот град на државата.
Заболени лица се регистрирани во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години.
Вкупно 608 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и има околу 559 празни болнички кревети во ковид центрите, меѓутоа бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.


Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека во тек се преговори за набавка на 200 илјади дози од кинеските вакцини. Со помош на кинеската Амбасада во земјава веќе се остварени контакти со тамошните производители на вакцини. Филипче верува дека до крајот на неделава ќе ги имаат деталите во однос на договорот, цената и испораката. Тој не се сомнева во нивниот квалитет.
Системот „Мој тремин“ ќе ја има клучната улога во спроведувањето на вакцинацијата, која според најавите на министерот Филипче треба да започне во февруари.
За вакцините вчера разговарале и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел.
ЕУ нагласува дека на располагање ставила 70 милиони евра за регионот, од кои осум милиони се за Северна Македонија, за да се покрие набавката на дози и на потребна опрема за вакцинација, но засега вакцини за земјите надвор од ЕУ сѐ уште нема, и покрај ветувањата на Унијата и на механизмот Ковакс.
Нарачките од фармацевтските компании доцнат и за земјите членки, но во ЕУ се надеваат дека откако ќе се добијат потребните дози за втората рунда вакцинација ќе може да се забрза процесот и за третите земји, вон ЕУ.

loading...