Османи во Берлин на средба со британскиот министер за Европа Лео Доерти

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес, во Берлин, на маргините на состанокот на Министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, реализираше билатерална средба со државниот министер за Европа во британското Министерство за надворешни работи, Лео Доерти.

Заеднички беа поздравени силните економски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кое е наш втор најголем трговски партнер и еден од најголемите странски директни инвеститори во нашата земја, особено интензивирани со потпишувањето на билатералната Спогодба за трговија, партнерство и соработка.

Османи го брифираше соговорникот и за отпочнатите преговори со Европската Унија и идните чекори, ставајќи акцент на високата подготвеност на земјата за успешен и брз преговарачки процес. Министрите изразија задоволство од историскиот чекор со кој Република Северна Македонија ги започна преговорите, изразувајќи надеж за успешни преговори со цел полноправно членство во Унијата. 

Министрите разговара и за улогата и значењето на новата Европска Политичка Заедница, што претставува добар одговор на геополитичката закана од руската агресија врз Украина. Изразувајќи задоволство од одржаниот прв состанок во Прага, министрите се согласија дека новата политичка заедница не е замена за политиките на ЕУ, вклучувајќи го тука и процесот на проширување кој не е загрозен.

Двајцата соговорници се осврнаа и на актуелните политички состојби во земјите од Западен Балкан и улогата на Обединетото Кралство во овој контекст. Османи информираше и за подлабоката улога на земјава во регионалните политики, како и за подготовките за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.