Османи ќе ја предводи владината делегација во Вашингтон

Стратешкиот дијалог со САД ќе го координира министерот за надворешни работи Бујар Османи, одлучи денеска владата на 45 седница. Во соопштението од владината прес служба е наведено дека Османи на 2 јуни ќе ја предводи владината делегација на отворањето на процесот во Вашингтон во чиј состав ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

„Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и е од особено значајно во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, па се до справување со организираниот и меѓународен криминал“, соопштија од Владата.

Дијалогот ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО партнери, аспирациите на Северна Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ и македонските заложби во рамки на Самитот за демократија.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.