Отворена изложбата „Зад Македониумот“ во Кабинетот на претседателот

Во Кабинетот на претседателот беше отворена изложбата „Зад Македониумот“– скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на еден од нашите најпознати споменични обележја, Македониумот во Крушево.

Отворена изложбата „Зад Македониумот“ во Кабинетот на претседателот

Изложбата се организира по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава и преку неа се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културн0-историска ризница.

Во своето обраќање пред присутните гости, претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на семејството Грабулоски, на Лира Грабул и Сатја Грабулoски, изложбата е можност  да погледнеме во светот на интимните и детални творечки процеси, во повеќеслојните наративи, визии, дилеми и перспективи кои се одвивале при уметничкото и архитектонско осмислување на „Македониумот“.

„Споменикот на Илинден во Крушево, познат како Македониум, е несомнено најкомплексното и би се осмелил да кажам –  најрепрезентативното скулптурално-архитектонско дело кое е возвишен израз на нашата современа уметност, култура и архитектура. Македониумот е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и препрочитуваат во контекстот на современоста и актуелноста. Токму преку пристапот во конципирањето и реализацијата на Македониумот, и на целиот пејзаж околу него, гледаме дека историското наследство може да биде стартна позиција за еманципираната и универзална иднина, а не простор на застоеност и ретроградност“, рече претседателот Пендаровски.

На свеченото отворање се обрати и Лира Грабул, ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, а низ изложбата присутните гости беа водени од Владимир Јанчевски, куратор и теоретичар на уметноста.

Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност преку платформата Отворен Кабинет од 22 до 30 септември 2022 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.