„Отворен Балкан“ – една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија

Loading...

Доколку работите одат со предвидениот тек земјава во 2023 година практично нема да има граници со Албанија и Србија. Ова го предвидува иницијативата „Отворен Балкан” што вчера во Скопје ја потпиша премиерот Зоран Заев со албанскиот колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ во присуство на повеќе од 350 претставници од бизнис секторот од целиот Западен Балкан.
Лидерите на трите земји потпишаа договори за Заедничка реакција на природни и други катастрофи, Дозвола за граѓаните да работат во трите држави и за Помош за стоките да се движат без непотребно одложување.
Целта на иницијативата „Отворен Балкан” е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија. „Отворен Балкан”, како што нагласија Заев, Рама и Вучиќ, значи ново поглавје во регионалната соработка. Сметаат дека ќе нé направи подобри и ќе ја направи Европа подобра. Иницијативата не е ограничена само на трите земји и секоја друга држава од опкружувањето е добредојдена и може да се вклучи ако сака.
– Нашата цел е да имаме заеднички пазар, една економија, без граници – 100 отсто слободна трговија, нула царини, нула пречки за движење на граѓаните, нула бариери за стоките, услугите и сервисите, нашите земји да ја имаат европската слобода во нашиот регион, истакнаа лидерите на трите земји и додадоа дека политичките прашања многу полесно се решаваат кога се обединети економиите и деловните заедници.
Посебно внимание, како што посочија на завршната конференција, ќе се посвети на две иницијативи. Прво, ќе се осигураме дека нашите луѓе ќе можат да работат каде било во нашите земји во претстојните месеци. Очекуваме чекори кои треба да бидат развиени од нашите влади и да бидат спроведени, онаму каде што е возможно, пред нашата средба во октомври. Драго ни е што Стопанските комори ќе започнат програма со која ќе се помогне на бизнисите и на работниците да се пронајдат едни со други во регионот, па така, оваа програма веднаш ќе создаде можности. Второ, ќе побараме од нашите министерства да работат заедно на системот за споделување информации во врска со Данокот на додадена вредност – конзистентен со системите што се користат во ЕУ – со цел товарните возила да не сопираат на границите во рамките на Балканот. Камионите сé уште минуваат повеќе време на нашите граници отколку на нашите патишта.


– Ние сме Европејци и нашата иднина е европска. Остануваме посветени на Берлинскиот процес и нашата европска перспектива. Нашите влади се посветија на спроведување на четирите слободи и единствениот регионален пазар, последно на Самитот во Берлин на 5 јули. „Отворен Балкан” се надградува на истата визија како и заедничкиот регионален пазар и ги покануваме другите страни во регионот да ни се приклучат кон забрзувањето, спроведувањето и исполнувањето на нашите регионални обврски. „Отворен Балкан” е демонстрација на напредокот што може да го постигнеме сами. Иако перспективата за пристапување кон ЕУ останува катализатор во нашата регионална соработка, ние не треба да чекаме секое прашање да биде решено или Европа да дојде до консензус со цел да ги подобриме животите на нашите луѓе. Во тој дух, ги покануваме сите наши колеги на Западен Балкан да ни се приклучат кон нашите иницијативи, правни инструменти и практични проекти како што се овие, посочија трите лидери.
Заев, Рама и Вучиќ на стопанствениците им порачаа дека „Нула минути на граница”, е нивната цел, а на економскиот панел во рамки на Регионалниот економски форум, бизнис заедницата укажа и на потребата од воведување една работна дозвола.
– Без нула минути не можеме да бидеме конкурентни во ЕУ. Од друга страна, скоро 40 проценти од компаниите се жалат на проблеми да најдат квалификувана работна сила во сопствениот систем. Затоа, не треба да се поедностават само процедурите за работни дозволи, туку треба да се воведе една работна дозвола. Значи, бараме нула минути на граница и една работна дозвола, истакнаа стопанствениците.
Според нив, мора да се создаде перспектива – младите да бараат работа дома, во регионот, наместо да заминуваат надвор.
– Од 2012 до 2019 година 350.000 лица ги напуштиле нашите земји, емигрирале. Мислам дека можеме подобро од тоа. Ако зборуваме за перспектива, треба да зборуваме за давање можност да работат блиску до дома, до своите семејства, порача деловниот сектор.
Премиерот Заев во оваа прилика соопшти неколку иницијативи кои се предлог на бизнис заедницата, но за кои, како што потенцира, постои огромна политичка волја да се реализираат. Најави отворање посебна лента за камиони, поврзување на министерствата за финансии на сите три земји преку единствен софтвер, зајакната соработка и поврзување на МВР-службите за да се спречи еветнуална корупција и криминал при транспортот, увозот и извозот, како и поврзување на младите преку заеднички престој во хотели во некој од туристичките центри како Драч, Охрид, Копаоник, Златибор,… Со тоа, дополни премиерот, ќе се поттикне и туризмот, односно ќе се пролонгира туристичката сезона што ќе придонесе за јакнење на трите економии.


Според него, за да се отстранат стотиците камиони на Табановце, Прешево, Ќафасан, треба да направиме две работи – нашите министри за финансии да имаат софтвер кој ќе ги поврзе системите за ДДВ.
– Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан, рече Заев.
Премиерот ги повтори веќе искажаните заложби за т.н. четири слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
– Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – „помалку историја – повеќе економија”, за доброто и за иднината на граѓаните. Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ, истакна Заев.
Српскиот претседател Вучиќ посочи дека со „Отворен Балкан” се отвораат големи, бескрајни можности кои се од полза за сите три земји.
– Нашите три земји ќе ја завршат годината со вкупно 76 милијарди евра БДП, тоа е БДП помал од една Словачка. Колку години ни се потребни да го стигнеме. Десетина години?. Не, за само 5-6 години максимум и ги престигнуваме. Тогаш почнуваме во потполност да ги менуваме позициите и силите и може да работиме на развојот и да ја покренеме машинеријата на развојот на овој регион. За тоа ни се потребни бизнисмените, деловните луѓе кои ќе можат да ги реинвестираат своите пари, рече Вучиќ.


Мораме да го оставиме минатото зад нас и да гледаме иднината, напредокот на животниот стандард на обичните граѓани, порача српскиот претседател.
– Ова не е насочено кон никого, а тоа е единствената цел нашите граѓаните да живеат подобро, нешто што е свето. Секогаш ќе имаме противници на оваа идеја, кои не размислуваат на економијата на нешто долгорочно, кои размислуваат на следните избори и кои во се бараат некој недостаток…Ние ќе се обидеме и ќе дадеме се од себе. Едниот услов е довербата што ја имаме, а другиот е трите земји или влади да можат брзо да постигнат резултати, дали ќе можеме да ги надминеме сите слабости на нашата администрација или нема да можеме. Ако можеме да го сториме тоа на 1 јануари 2023 година – веќе нема да имаме граници меѓу нашите земји. Има граници, но нема граници за нашите граѓани. Одите од Белград до Тирана и никој нема да ве запре никаде, рече Вучиќ во своето обраќање на Форумот во Скопје.
Албанскиот премиер Рама порача дека овој регион не може да продолжи да е заложник на минатото.
– Поделени сме ситни. Сакаме да се проектираме кон иднината преку оваа иницијатива која не измислува ништо ново. Она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот. Зошто би требало ние да чекаме затворени во нашите граници свртени грб со грб еден спроти друг како што тоа се случувало во минатите 500 години, бидејќи на крајот на денот оној момент кога ние ќе се интегрираме во ЕУ ќе го правиме токму ова што го правиме овде без ЕУ, рече Рама.
Нерешените работи помеѓу нас, додаде, нема да се решат полесно отфрлувајќи и негирајќи го потенцијалот на ова здружување.
– Што повеќе овој потенцијал за соработка се преточува во слобода на движење, во економија, во перспективи до толку е повеќе можно нерешените прашања да бидат разрешени бидејќи сите овие општества ќе преминат на едно ново ниво на разбирање на себеси, останатите но и на иднината, посочи Рама.
Политичко лидерство – тоа денеска можевме да го видиме на дело од премиерите Заев и Рама и од претседателот Вучиќ, оцени претседателот на Стопанската комора Бранко Азески пред почетокот на економскиот панел.
– Она што се подразбира по западните критериуми дека се бара политичко лидерство од претседателите, тоа денеска можевме да го видиме на дело и од Заев и од Рама и од Вучиќ зашто, една иницијатива за која уште нема комплетна поддршка, политичките раководства да ја објаснат, смело да тргнат напред и да го поведат народот кон таа цел, е само политичко лидерство кое го подразбира Запад и кон кое треба да одиме, истакна Азески.
Северна Македонија, Албанија и Србија ќе промовираат сопствена зона за слободно движење и бизнис, соочени со одложување на членството во ЕУ, оцени лондонски „Фајненшал тајмс” во анализата посветена на Економскиот форум во Скопје.
– Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија го критикуваат Брисел поради бавното темпо на проширување на ЕУ, најавувајќи дека ќе формираат своја сопствена зона за слободно движење и бизнис, додека чекаат прием во блокот, наведува весникот.
„Фајненшал тајмс” пренесува изјава на премиерот Зоран Заев кој посочува дека „треба да видиме што можеме да направиме самите за себе, што можеме да направиме за нашите луѓе и како можеме да ги прошириме нашите пазари”.
– Треба да ги забрзаме практичните придобивки за нашите граѓани, вели Заев во изјавата што ја пренесува лондонскиот весник, притоа нагласувајќи го неговиот став дека земјите во регионот се фрустрирани затоа што ЕУ не ги исполнува своите ветувања.
Весникот пренесува и изјава на српскиот претседател Алекснадар Вучиќ дека земјите ви региот се свесни оти „има замор од проширувањето во ЕУ”, како и ставот на албанскиот премер Еди Рама, кој однесувањето на Брисел „го спореди со егзистенцијалистичката драма на Семјуел Бекет „Чекајќи го Годо”, во која двајца мажи водат серија често апсурдни разговори, додека го очекуваат доаѓањето на некој што никогаш не доаѓа”.
Секоја регионална иницијатива е добредојдена, но тоа не смее да биде алтернатива за полноправно членство на земјата во Европската Унија, пак, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Македонија треба веднаш оваа година, да ги отпочне преговорите со ЕУ, бидејќи тоа го заслужуваме повеќе од би рекол десет години, со исполнети критериуми, но за жал поради разно разни артефицијални, вештачки препреки ние до овој момент не сме отпочнале преговори, рече Мицкоски на прес-конференција.
Одговарајќи на новинарско прашање околу иницијативата „Отворен Балкан”, нагласи дека нема алтернатива за ЕУ.
– Ние треба веднаш да ги отпочнеме како држава преговорите и тоа треба Европската Унија да го испорача уште оваа година. Следна таква можност е самитот што ќе се одржи во декември. Така што тука би го заклучил мојот одговор, алтернатива за Европската Унија нема, истакна Мицкоски.
Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ ја поздрави средбата во Скопје и порача дека им е драго што „лидерите од Балканот конечно сфатија дека Европа не е решение за се и дека постојаните препреки што се поставуваат пред земјите од Балканот може полесно да се надминат ако владите за своите граѓани отвораат нови перспективи”.
-Посебно радува фактот што ќе се потпишат три значајни договори кои ќе ја олеснат економската соработка и ќе помогнат за полесно надминување на кризните ситуации во регионот, посочија од гром и нагласија дека „Отворен Балкан” во исто време е „добар пример за нашиот источен сосед дека македонските граѓани имаат и други алтернативи”

loading...
Loading...