Пандемијата и ограничувањата за патување ќе го живнат селскиот туризам

Loading...

Гари, Лазарополе, Љубојно, Галичник, Вевчани се само неколку од македонските села кои ќе бидат дестинација за одмор годинава за домашните туристи.
На социјалните мрежи се споделуваат фотографии и препораки за тоа што може да се посети.
Поради пандемијата на коронавирусот и ограничувањата за патување, Македонците ќе летуваат дома, а тоа оди во прилог на селскиот и домашниот туризам. Од Општина Вевчани велат дека имаат посети од мали групи, семејства, и очекуваат дека во периодот кој следи ќе имаат повеќе гости.
Во Западна Македонија, велат дека ако досега имаа повеќе гости странци, сега ќе имаат домашни туристи. Сместувачките капацитети ги пречекуваат првите гости и велат дека има интерес.
„Има голем интерес, но ние работиме со половина капацитет поради протоколите. Лани овој период беше полно, но со странски туристи. Тие ги сакаат овие места со недопрена природа, со автентични градби, каде имаат што да истражуваат, а сега ќе имаме домашни гости“, велат од хотел Неда Галичник.


Билјана Латкоска која издава вила во Лазарополе, раскажува дека дневно има по неколку повици од граѓани кои сакаат да го посетат селото. Таа се сложува со ставот дека состојбата со коронавирусот ќе придонесе луѓето повеќе да шетаат во својата татковина.
„Местово е воздушна бања, има чист воздух, убава природа, диви коњи кои шетаат. Може да се видат цркви во селото, има пештера која треба да се посети, но и видиковец од каде се гледаат Стогово и Бистра, и главниот пак кај Радика. Навистина се работи за живописен предел“, раскажува Латкоска.
Елида Станковска од пансионот Стара чешма во Љубојно вели дека од минатиот викенд примаат гости, и е задоволна затоа што ќе имаат домашни туристи кои за разлика од странските, остануваат со денови за да уживаат во убавините на овој крај.
„Сум имала туристи Бугари, Чеси, гости од Скандинавија, но тие остануваат по 2 дена, и си одат, а домашните посетители се тие кои седат по 7 дена и повторно се враќаат. Јас живеам од домашните туристи. Мирно е, тивко е, има цркви, манастири кои може да се видат. Овде се слуша само жуборот од реката и од рибникот кој го имаме во дворот. Ние имаме непроценливо богатство во нашата земја кое не знаеме да си го цениме“, смета Станковска.
Поради коронавирусот, македонските граѓани оваа година нема да можат како и претходните безгрижно да заминат на море.
Во земјите на ЕУ засега не можеме да патуваме, а во Македонија бројот на заразени е висок со недели.
Статистички, македонските граѓани кога е во прашање домашниот туризам најчесто ги посетуваат езерските места, а потоа следат планините и бањите.

loading...
Loading...