ПАРИ АНАЛИЗИРА: КОЛКУ ЗАРАБОТИЛЕ НАЈГОЛЕМИТЕ РУДНИЦИ ЛАНИ И КАДЕ СЕ ЗЕМААТ НАЈВИСОКИ ПЛАТИ?

Од милионски приходи до затворени капацитети. Зошто за една година запреа со производство два од ТОП петте рудници во Македонија, а истото му се заканува на уште еден? Бучим од Радовиш и Боров Дол од општина Конче, Штипско, во септември привремено го стопираа производството, поради неможност да ги платат високите сметки за струја. Во двата рудника работат 674 вработени и сѐ уште нема информација дали и кога ќе продолжат со работа.

Булмак 2016, носител на концесијата за експлоатација на руда од Злетово – Пробиштип и Тораница ‒ Крива Паланка, сѐ уште работи, но под вонредни мерки, поради високата цена на електричната енергија. Во Булмак 2016 работат 800 лица и во моментов бараат начин за рационализација на трошоците.

Трите влегуваат во групата 10 најголеми потрошувачи на електрична енергија на слободниот пазар и токму поради високата цена која ја плаќаат за купување струја, принудени се на ваков чекор. Рудникот Саса е во подобра состојба, бидејќи има обезбедено електрична енергија до крајот на годината. Неизвесно е што ќе се случува во 2023 година. Со оглед на тоа дека сите рудници купуваат струја од надвор, а цената постојано расте, бараат Владата да им помогне – или да им обезбеди електрична енергија по пониска цена или да субвенционира дел од трошоците за нејзино плаќање.

Порталот Пари ги анализира податоците на компаниите кои се значајни за македонската економија, значително придонесуваат во создавањето на бруто-домашниот производ и вработуваат речиси 5.000 лица.

Минатата година, петте најголеми рудници направиле промет од речиси 243 милиони евра, а тоа им донело профит нешто над 74 милиони евра.

ТОП 5 РУДНИЦИ ПО ПРИХОДИ (во евра)

РУДНИКПРИХОД ВО 2020 ГОДИНАПРИХОД ВО 2021 ГОДИНА
САСА ‒ Македонска Каменица80.233.00095.000.000
БОРОВ ДОЛ ‒ Радовиш226.38452.693.000
БУЛМАК 2016 ДООЕЛ ‒ Пробиштип24.640.00034.037.000
МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ ‒ Прилеп24.548.00030.642.000
БУЧИМ ‒ Радовиш   43.580.00030.529.000

| Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

Податоците покажуваат дека минатата година најголем приход направил рудникот Саса, кој е и најголем рудник со подземна експлоатација во Северна Македонија. Произведува олово и цинк во форма на метален концентрат, кој се извезува во

Европската Унија. Лани направил вкупен промет од 95 милиони евра, додека заработката му достигнала 35,5 милиони евра.

Најголем скок на приходите има Друштвото за производство, трговија и услуги извоз – увоз Боров Дол, кое во декември 2018 година почнало со работа како поддршка на рудникот Бучим, а од 2020 година и со производство на бакар, злато и сребро.

Пад на приходите од над 10 милиони евра за една година има рудникот Бучим ДОО ‒ Радовиш, кој е единствен рудник за бакар во земјава. Од него се ископува една од најсиромашните руди со бакар во светот. Бакарниот концентрат не содржи штетни примеси и затоа неговиот квалитет е многу баран од европските топилници. Во рамки на рудникот Бучим се разви и проектот Боров Дол, кој ќе го продолжи животниот век на Бучим најмалку до 2030 година.

ТОП 5 РУДНИЦИ ПО ДОБИВКА (ВО ЕВРА)

Рудникот Саса ја задржува лидерската позиција и ако се анализираат податоците по остварена добивка. Минатата година заработил речиси 35,5 милиони евра. Во оваа група моќна петорка, покрај Боров Дол и Булмак 2016, се и Мермерен комбинат од Прилеп, рудник за екстракција и производство на бел мермер, и Друштвото за градежништво, трговија, производство и услуги МИС ВАТО ДООЕЛ ‒ Батинци, Студеничани, градежен гигант за изведба на секаков вид нискоградба и високоградба, кој во 2012 година доби концесија за експлоатација на минерали – варовник на општина Сопиште-Јаболци-Говрлево, а инвестираше и во Каменолом ‒ дробење на варовник во соодветни гранулации како готов производ. Сите заедно лани заработиле нешто над 74 милиони евра.

РУДНИКДОБИВКА ВО 2020 ГОДИНАДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА
САСА ‒ Македонска Каменица24.403.30335.486.000
Мермерен комбинат ‒ Прилеп8.315.00014.827.000
Боров Дол ‒ Радовиш/11.972.000
Булмак 2016 ‒ Пробиштип3.862.00011.653.000
Мис Вато ДООЕЛ ‒ Батинци232.000151.000

| Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

ТОП 5 РУДНИЦИ ПО ВРАБОТЕНИ

Во најголемите рудници вработени се вкупно 2.465 лица, а најголем работодавач е Булмак 2016, каде се ангажирани речиси 800 лица. Сепак, овој рудник го нема меѓу петте кои исплаќаат највисоки плати. Најдарежлив работодавач е Трговското друштво за експлоатација на минерална суровина, односно мермер од општина Небрегово, Долнени, и општина Прилеп, каде се вработени 23 лица. Минатата година просечната плата која ја исплатиле изнесувала 79.826 денари. Веднаш зад него е рудникот Саса, каде работат 720 лица и во просек земаат 47.760 денари. Следни се Бетон Про ДОО од Скопје, Мермерниот комбинат од Прилеп и Боров Дол од Радовиш, каде просечните плати се движат од 35.500 до 41.000 денари месечно.

РУДНИКВРАБОТЕНИ ВО 2020 ГОДИНАВРАБОТЕНИ ВО 2021 ГОДИНА
Булмак 2016796798
Саса691720
Бучим605380
Мермерен комбинат357301
Боров Дол48266

| Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

ТОП 5 РУДНИЦИ ПО ПЛАТИ

РУДНИКПЛАТИ ВО 2020 ГОДИНАПЛАТИ ВО 2021 ГОДИНА
БИАНКО ХЕРАЛКЕА36.99279.826
Саса46.88147.760
Бетон-Скопје38.21141.067
Мермерен комбинат34.01038.222
Боров Дол38.34535.558

| Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-analiza-kolku-zarabotile-najgolemite-rudnici/

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.