„ПАРИ“ ОТКРИВА | НАЈБОГАТИТЕ ГРАДЕЖНИЦИ ИСПЛАЌААТ НАЈМАЛИ ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ: Само 7.552 денари била просечната плата во позната градежна компанија пред минималецот

„ПАРИ“ ОТКРИВА | Повеќе од половина милијарда евра или поточно 527 милиони евра е вредноста на градежните активности кои што минатата 2021 година ги извршиле градежните компании во земјава. Држaвниот завод за статистика објави дека лани се изградени 2 665 објекти, а завршени се вкупно 3 235 станови. Просечната површина на становите е 65,3 метри квадратни, а најмногу се градело во Скопскиот регион, а следен е Југозападниот. Статистиката заблежала мал пад кај градежните активности во однос на 2020 година кога тие вределе  532 милиони евра. Намалените градежни активности се пресликаа и во делот на прометот на топ 10 градежни компании, односно како што веќе објавивме нивниот приход лани изнесувал 144,6 милиони евра, додека во 2020-тата 149 милиони евра. И покрај минималниот пад во градежништвото, тоа не им попречи на дел од градежните компании да имаат одлична финансиска 2021 година, но кај платите на градежните работници и не е се така сјајно.

Порталот „Пари” во соработка со БизнисМрежа.мк ви ги открива просечните плати по вработен во најголемите градежни компании во земјава рангирани според приход, добивка и најголеми работодавци кои треба да се двигатели на платите во овој сектор. За жал анализата покажа дека од пет градежните компании кои што оствариле највисока добивка пред да се усвои минималецот две исплаќале катастрофално ниски просечни плати и тоа се познати градежни фирми.

Петте најголеми компании според остварениот приход лани биле „Жикол”-Струмица, „ЗСФ-КОМ”-Скопје, „Рапид Билд“-Куманово, „Крмзов МР“-Струмица и „АК Инвест“-Тетово.

Од петте најголеми по приход податоците покажуваат дека второангираната ЗСФ-КОМ со 50.108 денари е на врвот по просечна нето плата по вработен за 2021 година. Иако остварила раст и на приходот и на добиката сепак, податоците покажуваат дека се намалила просечната плата во оваа компанија за 21,19 проценти или во апсолутни бројки таа во 2020 била повисока и изнесувала 63.582 денари. Компанијата од петте има и најмал број на вработени, во 2021 изнесувал 23 или се намалил за четворица во однос на 2020 кога се забележани 27 работници.

Втора на листата со највисока просечна плата во 2021 година е градежната компанија Рапид Билд. Во 2021 година таа изнесувала 35.939 денари и бележи раст во однос на 2020-тата кога била 32.324 денари.

Она што треба да се забележи е дека најголем пад кај исплатената просечна нето плата кај ТОП-5 те градежни компании според приход има во тетовски АК Инвест за 26,10 проценти. Просечната плата по вработен во оваа компанија која е поврзана и со бизнисот со струја и лани беше број еден според остварен промет, а 2021-ва е четврта изнесува 20.107 денари.

ЖАЛНО-НАЈМАЛИТЕ ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ СЕ КАЈ ГРАДЕЖНИ ФИРМИ ШТО НАЈДОБРО ЗАРАБОТУВААТ

За жал градежни компании и тоа на познати бизнисмени што оствариле најголема добивка исплаќале катастрофално ниски просечни плати. Компаниите со најголема добивка лани се : ЗСФ-КОМ, Адора, Саник, Импексел 2, Биси.

Адора на сите ни е позната, за жал во оваа градежна компанија која лани имала втора најдобра добивка од 2,6 милиони евра после ЗСФ-КОМ која е прва со 5,4 милиони евра просечната плата лани изнесувала 19,014 денари. Но, она што боде очи е пред усвојување на минималецот односно во 2020 година просечната плата во оваа компанија била само верувале или не 7,552 денари.

Во слично друштво со Адора е и Биси. Иако во 2021 покажала просечна плата на ниво на компанија од 22,883 денари, претходната 2020 година таа изнесувала 11,390 денари.

Импексел 2, гостиварската градежна фирма која има четврт најдобар резултат според остарениот профит е убедливо на врвот според висината на просечната плата и изнесува 56,786 денари.

Најниска просечна плата меѓу оваа петорка која изнесува 17,402 денари и припаѓа на Саник.

ПРОСЕЧНА ПЛАТА КАЈ НАЈГОЛЕМИТЕ РАБОТОВАЦИ ВО ГРАДЕЖНИОТ БИЗНИС ВО 2021

Најголемите пет работодавци во градежниот бизнис лани биле: Жикол, Рапид Билд, Фабрика Карпош, Лимак и Бауер БГ. Заедно лани за нив работеле 1316 работници. Најголем работодавач бил Жикол. Иако биле најголеми работодавци карактеристично е што немале некои поголеми отстапувања кај просечните плати 2021/2020 и тие се движеле од 21,060 денари до највисоката 35,935 денари.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/lani-se-gradele-stanovi-prosecna-plata-najpoznati-gradezni-kompanii/

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.