„ПАРИ“ ОТКРИВА: ПРАВАТ НАЈГОЛЕМИ ПРОФИТИ ВО ДРЖАВАТА, КАКВИ ПЛАТИ ДАВААТ?

Најголемите компании по добивка остваруваат профит од кој застанува здивот. Првите 10 по добивка имаат поединечни добивки од 17,4 милиони евра до највисоката добивка од 79,8 милиони евра, покажуваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Во 10-те најголеми компании по добивка има вкупно 8.452 вработени. Порталот „Пари“ истражува какви се платите кај најпрофитабилните компании. Заклучокот е дека дарежливоста кон вработените е различна – така што просечните нето платите во овие компании се движат од потпросечната во државата до три пати повисока од од републичкиот просек.

ТОП 10 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА И ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ КАЈ НИВ

Последните податоци од Државниот завод за статистика се однесуваат на јули и покажуваат дека просечната нето плата во државава е 31.869 денари. Но, бидејќи овие добивки и прсечни плати се за минатата година, соодветно е да се земе во предвид и колкав бил државниот просек на нето-плата во 2021 година. Државниот завод за статистика вели дека тоа се 28.718 денари.

Просечната нето-плата за 2021 година, како што може да се види, не ја стигнала компанијата ИГМ-трејд каде во просек лани, на месечно ниво биле исплатени по 26.798 денари. Со тоа, оваа компанија, иако се наоѓа на второто место по добивка меѓу сите приватни компании во државава (без да се земат предвид банките и осигурителните компании), дава најниска просечна плата од сите ТОП 10 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА. Нејзината профитабилност пак, како учество на добивката во вкупните приходи е висока и изнесува дури 28%.

Највисока прсечна плата нема ниту во првата компанија по добивка. Британската компанија за катализатори за возила „Џонсон Мети“ лани исплатила просечна плата од 39.265 денари, што е за 48,3% повеќе од републичкиот просек за 2021. Со оглед на големиот годишен приход на компанијата од дури 2 милијарди евра, добивката од 79,8 милиони евра и донела профитабилност од само 3,8%.

Во компанијата која во пандемијата покажа што значи да се има стратешка гранка како што е фармацијата, во „Алкалоид“, просечната плата е 46.537 денари. Во „Алкалоид“ , во 2021 година, има дури 1.860 вработени. Вкупните приходи на компанијата минатата година беа 162,8 милиони евра, а добивката 20,8 милиони евра. Така, уделот на добивката во вкупниот приход изнесува 12,8%.

ВО КОЈА КОМПАНИЈА ИМА И ТОП ДОБИВКА И ТОП ПЛАТИ?

Најголема просечна нето плата, за минатата година, меѓу ТОП 10 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА, е во Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје. Таму  нето-просекот е 88.800 денари, тоа се дури и повеќе од 3 просечни нато плати за минатата година. Привилегија да работат во компанија со ваков просек на плати имаат 55 вработени. Компанијата лани направила приход од 132,5 милиони евра и тоа и донело добивка од 20,6 милиони евра, со што уделот на добивката во вкупните приходи е 15,5%.

Основна дејност на ТЕ-ТО е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус. Средниот годишен капацитет на постројката е 220 MW за производство на електрична енергија и 160 MW за производство на топлинска енергија. ТЕ-ТО АД Скопје е независен производител на енергија кој го снабдува со електрична енергија пазарот во Република Македонија и во регионот, но учествува и на меѓународни пазари. Топлината која се генерира во рамките на производниот процес на постројката се предава на градскиот топлински дистрибутивен систем.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-otkriva-pravat-najgolem-profit-kakvi-plati-davaat-10-te-najgolemi/

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.