Парче мраз тешко десет милијарди тони од Гренланд падна во море

Огромна санта мраз, долга 6 километри, се открши на Гренланд и падна во океанот.
Тоа се случи минатиот месец, а видеото кое ја прикажува оваа неверојатна сила на природата го сними Денис Холанд од Центарот за набљудување на промените во нивото на океаните.
Одвојувањето на глечерот кој е поголем од Менхетн траеше 30 минути, а во океанот се урнаа 10 милијарди тони мраз.

Видеото од 3 минути покажува што се случувало во тие половина час – прво се гледа како парчињата мраз се одвојуваат, а потоа се одделува и подебелиот дел од глечерот, се крева над морската површина и повторно паѓа во океанот.
Десет милијарди тони мраз секако звучат застрашувачки, но како што вели Денис Холанд за „Вашингтон пост“, тоа е само 3 отсто од вкупното количество кое Гренланд годишно го губи, односно на Гренланд годишно се одвојуваат 286 милијарди тони мраз.
Секое такво одвојување може да предизвика т.н. ледотрес што може да се почувствува многу далеку.