Пајковска: Претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економски раст

Потребно е да се дизајнираат и развијат сет на комплементарни политики и мерки од страна на релевантните владини институции, со цел да се зголеми потенцијалот на женското претприемништво. Проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид-19“ кој го спроведува Центарот за управување со промени е поддржан од Balkan Trust for Democracyи имаше токму таква  цел да се идентификуваат последиците и предизвиците со кои се соочуваат жените претприемачки во услови на Ковид-19 и да се обезбеди целосна поддршка преку унапредување на постоечките бизнис практики, дигитализација на процесите и политиките на управување, воведување на онлајн продажба и маркетинг, истакна Јасна Пајковска од ЦУП на обуката за дигитален маркетинг која се одржа вчера и денеска во Охрид.

– Ние сакаме да се обезбедиме долгорочни решенија за раст и развој на женските бизниси како и предлог мерки за подобрување на владините програми насочени кон поддршка на компаниите во сопственост на жени. Идејата за спроведување на овој проект произлезе од воочените предизвици и проблеми со кои се соочија женските бизниси во текот на имплементирање на претходен проект во прекуграничниот регион на Полог и Елбасан, појаснува таа.

Пајковска вели дека потоа во соработка со општинските власти ги мапирале женските бизниси во Скопје, Битола и Охрид, а потоа контактирале и со стопанските комори како и организации кои работат во областа на женското претприемништво и врз основа на претходно воспоставени критериуми биле избрани 9 бизниси, по 3 од секој град.

Бизнисите кои се вклучени во менторската програма се од различни сектори и тоа: Физикална и кинезитерапија, производство на здрава храна, едукативен центар, производство на декоративни предмети за домот, филигранство, изработка на дизајнерски накит, рачни изработки од бакар, дрво и слично.

– А потоа беа спроведени и неколку индивидулни работилници согласно потребите за развој на секој од бизнисите. Значењето на дигитализацијата особено е зголемено во услови на пандемија кога контактите со клиенти се намалени или сведени на минимум, кога се практикува работа од дома и сл. Токму поради овие причини една од главните цели на проектот е да се воведат дигитализирани процеси кај женските бизниси, додава таа.

Пајковска вели дека претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економски раст и вработеност кој треба да се активира, затоа стратегијата за развој на женското претприемништво треба да има за цел економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал со што ќе се придонесе кон развојот на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.