Пендаровски: Вложувањето во нашата полиција е влог во нашата безбедна сегашност и иднина

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на церемонијата што се одржа во Центарот за обука во Идризово по повод промоцијата на новите полициски службеници.

Претседателот Пендаровски на сите нови припадници на македонската полиција им честиташе за успешно завршената обука и им посака успех во понатамошната работа.

Видео-материјал:

– Обраќање на претседателот Пендаровски – https://youtu.be/7skjHBmCIWo

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитуван министер за внатрешни работи,

почитувани припадници на македонската полиција,

почитувани претставници на дипломатскиот кор,

почитувани гости,

драги пријатели,

Дозволете најпрво да се заблагодарам на можноста да присуствувам и да се обратам на денешната церемонија во Центарот за обука во Идризово по повод промоцијата на новите полициски службеници.

Несомнено станува збор за особено значаен настан не само за македонската полиција, но, и воопшто за Република Северна Македонија. Припадниците на Министерството за внатрешни работи се гарант за јавниот рeд и мир, за нашата безбедност и сигурност. Во изминативе три децении изградивме високо професионална полиција во чии редови се најдобрите и најподготвените, кои професионално, достоинствено и со личен интегритет ги извршуваат своите задачи, секогаш ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби.

Со секоја нова генерација на полициски службеници доаѓа и нова енергија, нова посветеност и решителност. Токму во вас, новите 590 полициски службеници, мажи и жени, гледаме мотивирани, посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија, ќе ѝ служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани.

Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот. Ако сте подготвени, солидарни и максимално пожртвувани не се сомневам дека ќе дадете сѐ од себе во исполнувањето на обврските кон службата и кон татковината.

Почитувани,

Живееме во сложени времиња кои бараат постојана будност и континуиран ангажман. И ние, како и целиот свет ги чувствуваме последиците од војните, од конфликтите, од пандемијата, од енергетските и финансиски кризи, од тензиите во меѓународните односи. Пандемијата на Ковид-19 која сѐ уште не е завршена и претставува отворена закана за здравјето на граѓаните на тест ги стави  нашите здравствени работници, но, и сите припадници на МВР. Токму нашата полиција со деноноќен ангажман се грижеше за имплементација на рестриктивните мерки, полициските часови, задолжителниот карантин, сѐ во функција на спречување на ширењето на вирусот и заштита на најранливите.  

Нашите полициски сили, и ова лето, како и во изминатите години се на располагање при гаснење на пожарите и спречување на нивно ширење и загрозување на човечките животи. Припадниците на македонската полиција ги чуваат нашите граници и го спречуваат криумчарењето на мигранти, кое иако со намален интензитет не е престанато. Македонската полиција има клучна улога и во сузбивањето на организираниот криминал кој е сериозен предизвик, но, е обучена да се справи и со останатите закани, како што се тероризмот, хибридните закани или сајбер-криминалот.

Имајќи ги предвид комплексните задачи што законите ги поставуваат пред Министерството за внатрешни работи, апсолутен предуслов е и понатаму да ги унапредуваме условите за работа на полициските службеници, да овозможиме стручни обуки заради унапредување на нивните вештини и знаења. Секако, при тоа, е круцијално правично финансиско вреднување на нивниот вложен труд.  Верувам дека за сите овие работи имаме постигнато консензус и разбирање дека вложувањето во нашата полиција е влог во нашата безбедна сегашност и иднина.

На крајот, дозволете уште еднаш на сите нови припадници на македонската полиција да им честитам за успешно завршената обука и да им посакам успех во понатамошната работа. Секако, освен професионално напредување и развој, сакам на личен план да ви посакам добро здравје и среќа и за вас и за вашите семејства.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.