Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кипар и на Иран

Loading...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Кипар и на Исламската Република Иран, во Република Северна Македонија.

На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Димитриос Теофилакту, новоименуван амбасадор на Република Кипар, со седиште во Белград, претседателот Пендаровски истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во август 2019 година, се создадоа неопходните услови за интензивирање на политичкиот дијалог и за продлабочување на меѓусебните односи и соработка.

„Конкретно, со задоволство сакам да ја констатирам нашата подготвеност за интензивирање на економската соработка, со цел целосно искористување на економските потенцијали на нашите две земји, поттикнување на трговската размена, инвестициите, како и меѓусебната координација во развојот на туризмот“, рече претседателот Пендаровски.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски ја истакна континуираната кипарска поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и додаде дека очекува засилено афирмирање на поддршката во европските институции во периодот којшто следи.

Амбасадорот Теофилакту потенцираше дека пристапувањето на Северна Македонија и останатите земји кандидати од Западниот Балкан во Европската Унија, е висок приоритет и дека може само да придонесе кон стабилноста и просперитетот на регионот и Европа.

„Со цел да дадеме силен поттик, како кон вашиот евроинтеграциски пат, така и на нашите билатерални односи, ние сакаме да размениме повеќе посети, како на претседателско, така и на министерско ниво, а вклучувајќи и состаноци на други надлежни институции, како што се стопанските комори на нашите две земји. Натамошното унапредување на економската соработка, трговијата и туризмот нуди големи можности за нашите две земји“, рече амбасадорот Теофилакту на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

Оценувајќи дека двете земји во изминатиот период изградија конструктивни односи, претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Сејед Мохамад Џавад Расули, новоименуван амбасадор на Исламската Република Иран, со седиште во Софија, истакна дека тие односи се темелат на меѓусебно разбирање и на почит.

„Во таа насока, дозволете ми, да ја потенцирам нашата подготвеност за натамошно унапредување на меѓусебната соработка во областите од заемен интерес, меѓу кои би ги издвоил економијата, туризмот и културата. Ве уверувам дека и за време на Вашиот мандат ќе продолжиме со активностите и со иницијативите за постигнување уште поголема соработка во овие домени“, рече претседателот Пендаровски.

Истакнувајќи дека двете земји имаат долга историја и голем потенцијал за проширување на односите, амбасадорот Расули рече дека на економско поле постојат многу капацитети и области за соработка.

„Верувам дека блиските политички ставови, јасните економски интереси, силното културно сродство и блиското пријателство помеѓу владите и народите на двете земји, се силна основа за развој на односите и затоа подготвен сум преку консултации со македонските власти да се финализира и прецизно спроведе агендата за идните односи“, заклучи амбасадорот Расули.

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори на Кипар, Димитриос Теофилакту и на Иран, Сејед Мохамад Џавад Расули, им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...
Loading...