Плетенка Погача

Состојки
250 мл Млеко (млако)
20 гр Квасец
30 гр Путер (стопен и изладен)
1 Јајце
2 м.л. Сол
1 м.л. Шеќер
околу 500 гр Брашно (просеано)
За премачкување
1 Жолчка
1 м.л. Млеко
За поросување – малку сусам

Декоративна, но пред се превкусна погача во форма на плетенка, преубава е и на вкус и на изглед, со што дополнително ќе ја разубави вашата трпеза. Може да ја комбинирате со разни јадења, намази и салати.
Подготовка
1. Во длабок сад го ставаме квасецот, шеќерот, млекото и 1 г.л. од брашното, мешаме убаво да се раствори квасецот и го оставаме да се активира 10-на минути. Потоа се замесува тестото (по меко) со додавање на останатите состојки. Замесеното тесто го покриваме и го оставаме на топло место да стаса.
2. Потоа го делиме на 3 исти делови (секој дел е по околу 280 гр ). На работната маса од секој дел расукуваме мала кора, која ја завиткуваме како ролат. Добиениот ролат го слепуваме убаво на краевите и го формираме во подолго ваљаче. На истиот начин ги формираме и останатите 2 дела.
3. Сега плетеме класична плетенка, од средината накај краевите, па тестото го превртуваме наопаку, и на истиот начин ја доплетуваме другата половина. Со жолчката ја премачкуваме формираната плетенка, ја покриваме со крпа и ја оставаме да стаса.
4. После стасувањето, пак ја премачкуваме со жолчката и наросуваме сусам. Печеме во загреана рерна на 220 степени – 10 минути, па намалуваме на 180 степени и печеме уште 30 минути.
5. Испечената погача ја прскаме со вода и ја покриваме со чаршафче. Така нека одстои 20-на минути.
На здравје!

Пронајдете не на следниве мрежи: