Повредени 18 лица во силно невреме во Италија

Најмалку 18 лица се повредени во силно невреме, проследено со град со големина на портокал, што вчера го зафати италијанскиот град Пескара. Повредените со повреди на глава и модринки се пренесени во болница. Во невремето во близина на Равена паднале двестегодишни борови дрвја, а поплавени се и делови на Ромања и Абруцо. По бурата во Пескара на неколку локации улиците се претворени во реки. Патот над градот е напукнат, поради што градоначалникот Карло Масци испрати итна помош на местото на настанот.
– Особено сум загрижен поради силните дождови, бидејќи можат да предизвикаат нови поплави и лизгање на земјиштето во Италија, изјави метеорологот Тајлер Роуз.
Бурата во централниот дел на Италија исто така може да предизвика проблеми и на патиштата. Според метеоролозите денас се очекува ново невреме во јужна и југоисточна Европа.

 

Loading...