Подкаст со Миша Поповиќ: Политичките партии се најголемиот проблем во борбата со корупцијата, подмладоците заедно со младите да направат притисок тоа да се промени

Потребна е поголема едукација на младите за да ја препознаат корупцијата и активно да делуваат во борбата против корупцијата – не постои промена на општеството без практично делување, вели Миша Поповиќ, проектен координатор во Институтот за демократија во подкастот на Младинскиот сојуз кој се спроведува во рамки на Проектот „Leaders(DONOT) cheat“. Поповиќ, кој според анализата на Младинскиот сојуз, младите го препознаваат како шампион во борбата против корупција и секогаш гласен коректор на коруптивните појави во земјава вели дека Македонија е земја со изразени ризици од висока корупција и земја која има значителна пракса на корупција, дури и на секојдневно ниво што доста влијае и врз младите.

„Корупцијата влијае врз младите на многу начини, како што влијае и врз другите делови од населението. Но, она што е значајно за младите е дека креира чувство на безизлезност, односно кога младите преминуваат од студенти или средношколци во сфера на барање работа, на интеракција со институции, на интеракција со системот тие се соочуваат со еден таков ѕид и го доживуваат на своја кожа она за кое претходно додека растеле слушале дека не функционира. Тоа ја урнисува довербата која младите ја имаат во институциите.“, вели Поповиќ.

Според него, довербата во институциите и државата е важна за младите да останат овде и важна за развојот на една земја, бидејќи демократските земји почиваат токму на состојба во која граѓаните имаат доверба во институциите.

„За да почитувате правила, за да мислите дека државата треба да ви наметне повисоки даноци, или како треба да се развива во иднина во голема мера зависи од довербата која граѓаните ја имаат во институциите и политичарите. Развојот на земјата зависи од поддршката од граѓаните, а таа доверба се гради ако државата им испорачува услуги на граѓаните. Ако тие се задоволни, имаат добро образование, перспектива, шанса да најдат работа, чист воздух, функционален здравствен систем тогаш тие ќе се согласат кога државата ќе рече сега мора да штедиме, сега мора да плаќате повисоки даноци или сега ќе се опуштиме – сето тоа зависи од довербата,“ категоричен е Поповиќ. Тој додава дека токму поради недоверба и недостаток на имплементација на овие сегменти младите во земјата се разочарани поради што се селат или пак поддржуваат демагози и популисти, што не води кон развој и се губи нивната додадена вредност во демократизацијата на општеството.

Поповиќ смета дека има повеќе начини како младите може да се вклучат во борбата против корупцијата, но најважна е информираноста.

„Треба да се информираат што е корупција бидејќи нашите истражувања покажуваат дека младите не секогаш знаат да ја препознаат корупцијата. Главно е дека судирот на интереси која е една од состојбите кои може да доведат до корупција и тргувањето со влијание се релативно непрепознаени како форми преку кои се заработуваат најмногу пари со корупција.Таа зголемена информираност на младите ќе помогне на подобро оценување на тоа што се случува во политиката,“ смета Поповиќ. Според него е клучна и поголема едукација на младите за зголемена демократија, односно како младите да ги демократизираат организациите или движењата каде делуваат.

Активација во подмладоците на политичките партии, на подолг рок може да донесе успех и промени, вели Поповиќ во подкастот.

„Политичките партии во моментов се најголемиот проблем во борбата со корупција, бидејќи тие се борат за власт и кога се на власт овозможуваат корупција на сите нивоа од  најниска до највисока. Подмладоците на политичките партии се потенцијал за да се подобри работата на партиите. Младите треба да се поттикнуваат да членуваат во политичките партии, но младите треба да се поттикнат да ги демократизираат партиите. Ако се оди по судбоносната логика – влегувам во политичка партија за да се вработам тогаш ништо нема да се случи во наредните 30 години во земјава. Но оваа генерација на млади е израсната со повеќе шанси за да видат како е на Запад, за да видат кои се лошите а кои добрите страни на земјите кон кои тежнееме и таа култура од таму да се обидат да ја применат во политичките партии овде,“ вели Поповиќ.

Тој додава дека според него поттикнувањето на младинско учество во партиите често се запоставува, а врз тоа влијае и честата праксата политичарите да ги исфрлаат квалитетните кадри, меѓу кои и младите од партиите бидејќи само така може да ја наметнат политичката моќ. Поповиќ посочува дека се уште гледаме чистки во политичките партии каде квалитетните луѓе на крај губат бидејќи членството претежно очекува вработување и други клиентелистички услуги од партијата, а при тоа партиите заборават за што се формирани а тоа е да освојат власт за да може нивната визија за тоа како треба да се развива земјата да се аплицира кај сите граѓани, а не само кај нивните членови.

Според Поповиќ тоа „преземање“ на политичките партии би требало да се случи со континуирана работа со подмладоците, при што младите можат да направат притисок кон своите врсници во партиските подмладоци да бидат носители на потребните промени.

Според него потребно е и повеќе институции да ги комуницираат успесите во справувањето со корупцијата, како на пример Антикорупциската комисија која луѓето веќе ја препознаваат и пријавуваат случаи. Поповиќ смета дека само со видливи резултати може да се придобие довербата од граѓаните, вклучително и младите за да извршат јавен притисок и промени.

„Главниот проблем е како да ги убедите граѓаните дека нешто позитивно се случува, да ја видат промената. Тоа е како снежна топка која мора да тргне. Таа тргнува во моментот кога граѓаните ќе видат успех. А вас граѓаните ви требаат бидејќи тие се топката што во некој момент реформистичките политичари ќе им треба за да ги турнат најголемите играчи во мрежата на моќ. Граѓаните мора да видат успех за да станат дел од таа маса што ќе притиска,“ вели Поповиќ.

Секој граѓанин, а особено младите треба да делуваат и на тастатура, но и надвор, Не постои промена на општеството без практично делување, заклучува Поповиќ.

Целиот видео подкаст е достапен на следниот линк: https://youtu.be/mCvV5e7T8P0

Овој подкаст е дел од серијата подкасти кои се спроведуваат од страна на Младинскиот сојуз, а со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) и НЕД во рамки на проектот „Leaders (DO NOT) cheat “. Целта на овој Проект е промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите. Дополнително, преку ваквите и слични активности се цели да се придонесе за подигање на знаењето и свеста, како и вклучувањето на младите во носењето на одлуки од страна на властите на национално и локално ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.