Полицаец пронашол камена гробница од античко време на плажа во Бугарија

Саркофаг (камена гробница) од античко римско време е случајно откриен на плажа во близина на одморалиштето Свети Константин и Елена во Варна, соопшти бугарското МВР.

Поранешен полицаец го забележал саркофагот во близина на новоизградениот, но сè уште нефункционален комплекс и го пријавил во Петтиот регионален оддел – Варна, пренесува „Новините“.

Увид на локалитетот извршија стручни лица од Археолошкиот музеј и претставник од Главната управа на „Инспекцијата за заштита на културното наследство“ при Министерството за култура. Заклучиле дека саркофагот потекнува од римската ера, поточно од II-III век од нашата ера, со богата релјефна декорација.

Димензиите на саркофагот се приближно 90х235х75 см, а декорацијата е украсена со венци, животински глави, розети, лабрис (секира со две сечила) и други слики.

Тешкиот артефакт е пренесен во Археолошкиот музеј во Варна за дополнително испитување.

Министерството за внатрешни работи на Бугарија не соопштува дополнителни детали како саркофагот завршил на плажата. Случајот е пријавен во Окружното обвинителство во Варна, а истрагата е во тек.

Според бугарскиот весник „24 сата“, саркофагот можеби бил наменет за употреба како маса, бидејќи бил пронајден со модерен мермерен капак со три ниши.

Пронајдете не на следниве мрежи: