Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите

„Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи Роми, погубени во нацистичкиот логор во Аушвиц-Биркенау.

Во тој ужасен период од историјата на сила беа закони кои го обезвреднуваа човековиот живот и вроденото достоинство на различни групи, меѓу кои и на Ромите. Тогашната идеологија овозможуваше експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта.

Во текот на Втората светска војна убиени се над 500.000 Роми низ Европа и Балканот.

Загрижувачки е што денес се сè уште живи историските неправди кон Ромите – негирањето на геноцидот врз нив, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества. Сето тоа ги турка Ромите на маргините и ја уназадува борбата за нивните човекови права и слободи.

Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик кој ги споделува стремежите и жртвите во борбата за слободно општество. Таа коегзистенција треба да продолжи во духот на солидарноста, хуманоста и меѓусебната почит.

Да се сеќаваме на историските факти за најголемото зло во историјата на човештвото преку личните сведоштва на преживеаните.

Но наша должност и наша заедничка историска и цивилизациска одговорност е јавно да се спротивставиме на ваквите појави, за трагедиите од Втората светска војна никогаш да не се повторат“!

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.