Посреќни луѓе- поздрави луѓе

Среќно срце- здраво срце
Едно истражување на научниците од Универзитетот Колумбија покажало дека луѓето кои се среќни и ентузијасти ретко страдаат од болести како што се ангина пекторис, и поретко се погодени од срцев удар.
Научниците во период од десет години, следеле 1.739 здрави волонтери за да утврдат како влијаат т.н. „позитивни емоции” на здравјето на срцето.
На крајот на истражувањето дошле до заклучок дека луѓето кои немале позитивни емоции имаат 22 проценти поголем ризик од исхемична срцева болест, која може да доведе до ангина пекторис или дури и до срцев удар. Оние кои имале малку позитивни емоции имале 22 проценти поголем ризик за истите проблеми од оние кои имале повеќе позитивни емоции во животот.


И истражувањето на Универзитетскиот колеџ во Лондон, покажало дека среќното срце е поздраво срце. Во студијата спроведена меѓу речиси три илјади здрави возрасни Британци било утврдено дека оние кои се подобро расположени имаат пониско ниво на кортисол – хормонот на стрес којшто кога е хронично повисок може да предизвика висок крвен притисок, абнормална дебелина и опаѓање на имунолошкиот систем, меѓу останатите проблеми.
Истражувањето покажало дека жените кои кажале дека имаат позитивни емоции имале пониско ниво на два протеини во крвта коишто укажуваат на воспаленија во телото. Хроничното воспаление со текот на времето може да предизвикаат болести, како проблеми со срцето и рак. Истражувачите одамна имаат забележано дека порасположените луѓе имаат подобро здравје од оние кои се постојано под стрес, имаат негативно расположение или се песимисти. Но причините се уште се испитуваат.
Една веројатност беше таа дека повеселите луѓе водат поздрав начин на живот, но многу студии покажале дека ова не е случај, објаснуваат експертите.
Тие се’ уште бараат подиректни биолошки врски меѓу позитивното расположение и здравјето.Но, се согласуваат дека доброто расположение и позитивните емоции предизвикуваат биолошки реакции кои го подобруваат здравјето.
Посреќните луѓе имаат помала можност да заболат од настинка
Позитивните емоции, освен што се добри за, срцето, крвниот притисок, нивно на шеќерот во крвта, со нив луѓето имаат поголема отпорност на заразни болести. Истражувањето на професорот по психологија Шелдон Коен од Карнеги Мелон Универзитетот покажа дека луѓето кои се среќни, полни со оптимизам, смирени и други позитивни емоции, имаат помала веројатност да настинат кога ќе се изложат на респираторен вирус од оние кои се понегативни во животот.


Професорот Коен вели дека, среќните луѓе кога настинуваат, помалку се жалат на симптоми кои би се очекувало да ги имаат.
Сепак, истражувањето остави отворена можност дека поголемата отпорност на заразните болести меѓу посреќните луѓе, можеби и не се должи на среќата, туку на други карактеристики кои често се поврзани со известување позитивни емоции, како што се: оптимизам, екстровертност, имање цел во животот и самодоверба.
Но, и ова истражување открива дека среќата и другите позитивни емоции играат многу важна улога за здравјето.
Помалку негативни емоции- побрз излез од тешкотии
Според експертите, луѓето кои се емоционално здрави, имаат помалку негативни емоции и можат побрзо да излезат надвор од тешкотиите. Оваа особина се нарекува еластичност или флексибилност. Да се развие чувство за значењето и целта на животот – и фокусирање на она што е важно во животот за нас – исто така придонесува за емоционалното здравје.
Според д-р Ричард Дејвисон, неуролог на Универзитетот на Висконсин-Медисон за да се најде поврзаноста помеѓу позитивните емоции и здравјето, треба да се разберат главните патишта во мозокот.


Со снимање на мозокот, д- р Дејвидсон и соработниците пронашле дека позитивните емоции можат да активираат „наградни“ патишта сместени длабоко во мозокот, вклучувајќи ја областа позната како вентрален стриатум.
-Лицата кои можат да осетат позитивни емоции имаат долготрајно активиран вентрален стриатум. Колку подолго трае активирањето, подолготрајно е чувството за благосостојба, вели д-р Дејвидсон.
Продолжено активирање на овој дел од мозокот се поврзува со здрави промени на телото, вклучувајќи пониско ниво на стрес-хормонот.
Спротивно, негативните емоции можат да го активираат делот од мозокот познат како амигдале ( Corpus amygdaloideum), кој игра улога кај стравот и анксиозноста.
-Сме покажале дека постојат големи разлики меѓу луѓето за тоа колку брзо или бавно заздравува амигдале после опасност . Оние кои заздравуваат пополека може повеќе да се под ризик за различни здравствени состојби во споредба со оние кои заздравуваат побрзо, вели д-р Дејвидсон.
Среќата е исклучиво работа на одлука и избор
Психолозите велат дека среќата е исклучиво работа на одлука и избор, а не нешто што е условено од надворешни околности. Затоа секоја работа е онаква каква што ја набљудуваме, а сама по себе, таа не е ниту добра ниту лоша. Со други зборови негативното однесување може да се чини како логично решение реакција, но тоа не значи дека мораме да го усвоиме.
Не е многу лесно да се биде оптимист и постојано да се гледа на позитивната страна од животот, но со мала пракса и ментален тренинг – е возможно, велат експертите.Треба да се биде „реален оптимист”, сметаат тие.
Реалните оптимисти се свесни и за негативните нешта, но одлучиле својата енергија да ја фокусираат на оној дел од животот што ќе им донесе позитивни чувства и исход. Оптимистите практикуваат да ги отфрлаат негативните мисли што ќе им дојдат во умот. За да достигнеме состојба на умот во која можеме да бидеме оптимисти, мора да се ослободиме од потребата да судиме, велат стручните лица.
Физичката активност, пишувањето, поминување време со пријатели и семејство, се добри за менталното здрвје. Обидете се секогаш околу вас да бидат луѓе што носат ведрина, топлина и позитивни чувства во својот живот, препорачуваат експерите.

Loading...