Во интервјуто за српските весници „Политика“ и „Вечерње новости“ во пресрет на утрешната посета на Белград рускиот претседател, Владимир Путин изјави дека политиката на САД сериозно го дестабилизира Балканот, а Русија ќе продолжи со воено-техничката соработка со Србија, пренесува МИА.
Одговарајќи на прашањето за дестабилирачката улога на Русија на Балканот, како што тврдат западните политичари, Путин даде оценка дека постои силен надворешен притисок за зачленувањето на Македонија во НАТО.
– Кога зборуваме за ситуацијата на Балканот, сериозен дестабилизирачки фактор тука преставува политиката на САД и на некои западни земји, чија цел е зајакнување на нивната доминација во регионот. Уште во 1999. година, силите на НАТО без санкција на ОН два и пол месеци ја бомбардираа Југославија, а потоа насилно ја одделија автономната покраина Косово. Во 2008 година, Вашингтон и неговите сојузници го подржаа нелегитимното прогласување на независноста на Косово. Во 2017 година, и покрај ставот на половина од населението, Црна Гора беше вовлечена во НАТО. Беа исплашени од референдумот за ова прашање и како резултат на тоа, земјата сега минува низ период на политичка нестабилност, рече Путин.
Минатата година, како што наведе тој „поради форсираното зачленување во НАТО на Република Македонија, беше дури покренат и процесот на усвојување на уставните амандмани и промена на името на државата, ревизија на основите на македонскиот национален идентитет“.
– При тоа, беше игнорирана волјата на македонските гласачи – референдумот за промена на државното име не успеа, но надворешниот притисок продолжи. Руската Федерација, знаејќи и разбирајќи ја комплексноста на Балканот и историјата на тој регион, секогаш го сметаше за простор за конструктивна соработка. Денес Русија на Балканот има многу пријатели, меѓу кои посебно место го зазема стратешкиот партнер -Србија. Затоа, помагањето и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност е нашиот безусловен приоритет, додаде Путин.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.