Почна продажбата на доларот, еврото ги дочека своите „5 минути“

Еврото е во пораст денеска бидејќи инвеститорите почнаа да продаваат долари со надеж дека ќе го олеснат карантинот во Кина – како поддршка на глобалниот економски раст.
Помирното движење на цените на акциите на берзите, во раното европско тргување, изврши притисок и врз доларот, кој нагло падна минатата недела; иако годинава беше главната валута која инвеститорите ја „бркаа“ поради падот на вредноста на ризичните средства, грижите поврзани со економскиот раст и зголемената инфлација.
Сите валути чувствителни на ризик зајакнаа, при што австралискиот долар, кој првично покажа пригушена реакција на очекуваната победа на левичарската Лабуристичка партија на парламентарните избори во текот на викендот, поскапувајќи за речиси 1,0 отсто во однос на американскиот долар, пренесува Ројтерс.
Британската фунта напредуваше за 0,5 отсто, а добри резултати бележи и норвешката круна, бидејќи продажбата на доларот, која започна минатата недела, продолжи и денеска.
Еврото зајакна 0,3 отсто на 1,0602 долари.
Така, минатата недела ја зголеми добивката за 1,5 отсто и дополнително отстапи од повеќегодишниот минимум од 1,0349 долари, забележан претходно овој месец. Јапонскиот јен исто така профитираше од продажбата на доларот и се искачи на 127,66 јени за долар.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошничката на ривалите и кој порасна за околу 16 отсто на највисокото ниво во последните две децении во 12-те месеци до средината на мај, денеска падна за 0,3 отсто на 102,6 поени.
Ваквите валутни движења, исто така, придонесоа за подобрено расположение во однос на ситуацијата со заклучување во Кина. Шангај излегува од изолација, а неочекувано големото намалување на референтната каматна стапка во Кина минатата недела беше протолкувано како сигнал дека властите ќе дадат посилна поддршка на економијата.
Јуанот минатата недела имаше најдобра трговска недела од крајот на 2020 година, а на странските пазари денеска порасна на 6,6555 јуани за долар, што е највисоко ниво од почетокот на мај. Геополитиката е во фокусот и во Азија оваа недела, додека американскиот претседател Џо Бајден е на турнеја низ регионот, со цел да промовира поголем економски ангажман на САД.
Што се однесува до валутите поврзани со суровини, норвешката круна порасна за половина процент во однос на еврото, додека канадскиот долар зајакна за слична сума во однос на американскиот колега на 1,2789 канадски долари. Поради очекувањата за поагресивен пораст на каматните стапки на Федералните резерви, некои аналитичари велат дека потенцијалниот нов раст на американскиот долар би можел да биде потежок.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.