Почнува квадрилатералата во Солун, можност за нова средба Димитров-Коѕијас

Loading...

Во Солун вечерва почнува третата квадриталерална средба на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, на која високи претставници на четирите земји ќе разговараат за начините за зајакнување на соработката во насока на интегрирање во Европската унија.

Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, предизвиците за регионот на Југоисточна Европа од состојбите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, последиците од движењето на бегалците и мигрантите кон Балканот и иднината на Европа се теми на кои ќе се осврнат министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија на третата квадрилатерала средба во Солун, чии главни активности се закажани за утре.

Освен Димитров и Коѕијас на квадрилатералниот состанок ќе учествуваат и нивните колеги од Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и Дитмир Бушати.

Од Министерството за надворешни работи не прецизираат дали е превидена билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, на која би станало збор за спорот со името. Последната средба во рамки на преговарачкиот процес Димитров и Коѕијас ја имаа на 25 април во Виена, а на неа присуствуваше и медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

По последната рунда преговори изјава даде само Нимиц и нагласи дека двете страни останувата посветени на решавање на проблемот, без да презентираат детали од разговорот.

– Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.

Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.

Тој уште еднаш повтори дека Грција останува на ставот дека вистинско ерга омнес име треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата и оти за тоа е потребна промена на македонскиот Устав.

На средбата во Солун освен министрите за надворешни работи ќе учествуваат и министри и високи претставници од министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски од четирите земји.

Од другите теми во надлежност на ресорните институции ќе бидат опфатени и прашања во врска со прекуграничната соработка во областите на полициската, царинската заштита, интерконективноста и транспортното умрежување на регионот.

Како што веќе објави МИА, следниот петок на 11 мај во Сунио, во близина на Атина, ќе се одржи министерски состанок на Вишеград 4 и Балкан 4, односно средба на министрите од вишеградската група и балканските земји. Во рамки на овој состанок повторно на заедничка маса ќе седнат Димитров и Коѕијас.

Потоа на 17 мај следува самитот во ЕУ-Западен Балкан во Софија, на кој постои можност за средба на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој се очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на Самитот на НАТО во јули.

Грчките медиуми јавуваат дека средбата во Софија за грчката страна е краен датум до кој Ципрас ќе оцени дали може има простор да ја преземе политичката цена за решение на македонското прашање.

– Премиерот потоа ќе треба да ја фокусира неговата енергија исклучиво на преговорите за постмемомандумскиот период. Доколку околностите дозволат би можело да постои средба со неговиот скопски колега Зоран Заев во Софија, на која ќе се донесат конечни одлуки, позитивни или негативни, пишува „То Вима“, повикувајќи се на извори во грчката Влада.

loading...