Првиот француски борец убиен во Украина

Десетици француски државјани, наводно, се приклучиле на украинската војска поради руската офанзива.

Руски тенк, со класичната ознака позната по инвазијата на Украина

Француски борец кој им се придружил на украинските сили во текот на воената офанзива на Москва во земјата е убиен во регионот Харков, објави во петокот радио станицата Европа 1. Според неговите извори, борецот бил „смртно ранет од артилериски оган“.

„Тој е првиот француски борец што е убиен“ од почетокот на руската офанзива, тврди Европа 1.

Извештајот прецизира дека, според повеќе извори, околу 150 француски борци учествуваат во конфликтот во Украина на страната на Киев.

Веста дојде еден ден откако рускиот воен портпарол, генерал-мајор Игор Конашенков, тврдеше дека бројот на странски борци во Украина, кои тој ги опиша како „платеници“, се намалил од 6.600 на 3.500. Конашенков прецизираше дека стотици странски платеници во Украина биле уништени со руско прецизно оружје со долг дострел „набргу по нивното пристигнување на местата каде што биле подложени на дополнителна обука и каде биле координирани тактичките единици“. Сепак, повеќето од платениците, според портпаролот, биле убиени „поради ниското ниво на обука и недостатокот на вистинско борбено искуство“.

Затоа, Конашенков тврди дека од почетокот на мај „протокот на странски платеници во Украина за учество во непријателствата против руските вооружени сили практично пресуши“.

Во март, министерот за одбрана Сергеј Шојгу предложи да им се даде зелено светло на странските борци кои сакаат да одат во Украина и да се приклучат на силите на Народните републики Доњецк и Луганск, поддржани од Русија. Според Шојгу, во борбата се вклучиле околу 16.000 странци, од кои многу се од Блискиот Исток и имаат искуство во борбата против џихадистите. Рускиот претседател Владимир Путин ја поддржа идејата, истакнувајќи дека руските противници во Украина регрутираат странски доброволци.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.