Прегазен пешак во Ново Лисиче

Во сообраќајна несреќа што се случи синоќа на булеварот “Видое Смилевски – Бато“, во скопската населба Ново Лисиче, загина педесет и седумгодишен пешак. Во него удрило возило со германски регистарски таблички, управувано со полномошно од македонска државјанка.
Увид на местото на настанот извршија Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, увидни екипи на Министерството за внатрешни работи и претставници на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
Како што соопшти Јавното обвинителство, според првичните сознанија, несреќата се случила кога 57-годишниот пешак излегол на булеварот надвор од обележан пешачки премин. Притоа, на него налетало возило „Шкода Октавиа“ со германски регистарски таблички, управувано со полномошно од македонска државјанка. Од ударот, пешакот починал на лице место. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а ќе се испитува и присуство на алкохол во крвта и урината на возачот на автомобилот.
Од Министерството за внатрешни работи е побарано да изврши проверка на снимките од видео надзорот на околните објекти и на системот “Безбеден град“ со цел да се утврди дали камерите го регистрирале настанот. Во насока на утврдување на фактичката состојба ќе биде издадена и наредба за сообраќајно-техничко вештачење.

Loading...