Предлог-извештај на ЕК: Северна Македонија треба да го интензивира темпото на реформи и да ги комплетира уставните измени

  Северна Македонија преставува добар пример за изградба на мултиетничко општество, но земјата мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени.
Ова се едни од главните пораки содржани во Предлог-извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ од „Пакетот за проширување“ на Европската комисија, што официјално треба да биде усвоен денеска и објавен попладнево.
Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во документот се повикува и на интензивирање и на темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, пред се на зајакнување на владеењето на правото, зголемување на довербата во правосудниот систем, како и на спроведување на истрагите, гонењето и конечното завршување на долготрајните судски процеси поврзани со „лица од висок профил“.
– Северна Македонија треба да продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со зачленувањето во ЕУ, пред се оние од Кластерот „Основни вредности“, како судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, се вели во Предлог-извештајот.
Во делот на пристапниот процес на земјава се потсетува дека првата Меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија, со што беше означен официјален старт на преговорите за членство, се одржа во јули 2022 година, а скрининг процесот по сите шест кластери заврши во декември 2023 година.
– Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за Кластерот „Основни вредности“, вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со Преговарачката рамка, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, се наведува во Предлог-извештајот на ЕК за земјава.

Пронајдете не на следниве мрежи: