Предности на хранење на бебето со парчиња храна наместо каши

Loading...

Катерина Галиќ од Скопје е сопруга и мајка на два сина (пет и две години). Таа е сертифициран инструктор за Baby Led Weaning (Бебињата како водичи во дохраната) и можете да ја следите на нејзиниот Инстаграм профил @majkatakata каде секојдневно објавува корисни информации.
Членува во „Меѓународната мрежа на регистрирани диететичари специјализирани за дохрана на новороденчиња и деца од Канада“, која во моментов брои 120 членови (педијатриски диететичари, терапевти за говор, консултантни за лактација). Нивната цел е да им се помогне на родителите со релевантни и актуелни информации и препораки за исхрана на децата.
Веќе една година држи обуки на семејства (претежно мајки) кои сакаат да го применат овој метод на исхрана во нашата држава.
Со неа поразговаравме за сè што ги интересира родителите кои започнуваат со дохрана на своите бебиња:
1. Што значи BLW исхрана, зошто е добро и од кога е добро да се практикува кај децата, дали децата мора да имаат заби, дали детето треба да јаде со раце и сл. Дали треба прво да се пробува со кашички или веднаш се оди со парчиња?

Baby Led Weaning методот не е нешто ново, ваквиот начин на дохрана се применува години наназад во семејства кои увиделе дека нивните бебиња бираат храна како онаа на целото семејство, одбиваат да бидат хранети и не отвораат уста на приложена лажица. Односно, сами се хранат од моментот кога ќе ги исполнат критериумите и се во таа развојна фаза и тие се водичи во хранењето.
Во многу култури низ светот, бебињата јадат она што јаде и семејството, се разбира модифицирано за возраста.
Има места во светот каде што сè уште не е достапна комерцијална храна за бебиња, па тие супер напредуваат и се хранат.
Сакам да напоменам, дека производството на овој тип на храна (кашички), станува популарно во 1920-тите години, период во кој препораките биле дека на мали бебиња до една година основна храна треба да биде млекото.
Како што жените биле прифаќани како работоспособни, имало поголема побарувачка бебињата да се хранат на некој друг начин. До 1950-тите години, веќе бил искомерцијализиран овој начин на хранење, дека е нешто што мора да се прифати од едно модерно семејство.
Многу од денешните кашички имаат декларација, на која што пишува дека се во ред да се даваат од 4 месеци. Но, препораките на СЗО, Американската академија на педијатри, Организацијата на педијатри на Канада и НХС, Велика Британија, се дека бебињата не треба да внесуваат додатна храна пред 6 месеци, освен ако немаат медицинска подлога за тоа. Дури, постои и пропишан закон во некои држави, каде што на компаниите веќе не им се дозволува да ја користат таа насока како прифатлива возраст за дохрана и пијалаци на новороденчиња.
Што значи дека сосема е во ред ако некој избрал пасирана храна како начин на дохрана, тоа не е нешто лошо, но исто така може да осознае дека има и друг начин, за кој што може да се размисли дали би бил соодветен за во тоа семејство.
Како термин, Baby Led Weaning за прв пат се појавува во книгата на Dr Jill Rapley, но не е нешто ново. Некои родители ќе се согласат дека веќе го применувале овој метод, а не знаеле дека има своја терминологија.


2. BLW наспроти традиционално хранење?
Кога некој ќе спомене дохрана или започнување со цврста храна кај бебиња, секогаш во глава ни е сликата од родител кој го храни своето бебе со пасирано овошје или зеленчук.
Некогаш бебињата отвораат уста, некогаш ја држат затворена, некогаш плукаат, некогаш не се заинтересирани за „еве доаѓа авиончето”, а тоа се прави се со цел едно бебе да ја прифати таа храна, што најчесто е различна од онаа на целото семејство и бебето најчесто јаде во други временски интервали од остатокот од семејството.
Самата дефиниција на хранење со лажица во западниот свет вклучува „пружање помош или информација кога тие (оние што се хранети) не можат истото да го изведат”.
Во спротивно од ова, BLW ги охрабрува бебињата и ја почитува нивната независност, следејќи ги знаците кои ги даваат. Почетокот на дохрана почнува кога самото бебе е спремно за тоа, му се дозволува да ги следи сопствените инстинкти, да ги копира родителите, браќата, сестрите, и да ги развие вештините во една забавна, природна атмосфера. Ако им се дозволи, бебињата ќе им покажат на нивните родители дека се многу повеќе способни, со земање на парче храна од чинијата и ставање во уста.
Тие уживаат во хранењето, имаат поголема самоконтрола што и колку внесуваат, истражуваат, експериментираат, учат за храната, како изгледа, каков вкус има, учат како таа храна се совладува, учат за нивниот свет, БЕБИЊАТА НИКОГАШ не си играат, СЕКОГАШ учат.
Со овој метод на исхрана ја вежбаат самодовербата, независноста, им веруваат на своите родители и се дел од фамилијарните оброци, на кој им се дава шанса да пробаат вистинска храна.
3. На што треба да се внимава најмногу ако започнувате со BLW исхрана? Како се надминува стравот „да не се задави детето“? Со каква храна е најдобро да се почне?
Најчесто родителите го тргаат овој метод на страна од стравот од гушење кај бебињата. Но, има две многу свежи студии во кои се презентира дека бебињата кои што се хранат сами, не се во поголем ризик од гушење, од оние што се хранети со лажичка.
Бебињата имаат природен рефлекс на исфрлање на храна која што не може да ја совладаат подалеку од душникот и тоа многу вешто го прават. Треба да се внимава на начинот на кој што е послужена храната, бебето да ги исполнува критериумите за да може да се храни само, да се јаде во пријатна и мирна атмосфера без дистракции.
Се почнува со храна која што ја јаде семејството, модифицирана за возраста. Има начини на сечење, што се дава во оригинална форма, што се дава модифицирано и што никако не се дава до 4-5 годишна возраст. Мора родителите да бидат добро информирани за постапките на готвење и што никако не смее да се дава на мали деца.
Сите оние кои се во можност, треба да се едуцираат за прва помош кај деца, со што не се става акцент само на овој метод на исхрана, туку тоа треба да биде еден битен дел од надградувањето кај секој родител. За жал, децата во светот се гушат од многу работи, многу од нив не се поврзани со храна.
4. Дали треба да се брише детето додека јаде и постојано да се чисти сето она што го фрла наоколу?
Можеме да зборуваме за придобивките на неуредното јадење како моќна сензорна игра.
Времето за јадење со бебињата е повеќе од само јадење. Покрај тоа што учат за сите видови на социјални и културни норми, баш ова е дел од нивната прва активна сензорна игра. Тие на оваа возраст ставаат се во својата уста, играчки, песок, се што им е непознато и „интересно“.
Тактилната стимулација што ја добиваат од играње со неуредни текстури, обезбедува голем број на значајни информации до мозокот што децата ги обработуваат и создаваат пософистицирани реакции. Бебињата и децата активно ќе уживаат во ова како дел од нивната природа, односно љубопитност, откривање, истражување и поттик за доживување на нови сензорните искуства.
Децата ја јадат својата храна со обете раце, гмечат грашок, ја размачкуваат супата преку масата, ја лижат од прстите, а потоа се навраќаат на натопување на прстите во супата за уште некое истражување.
Додека сето ова изгледа неуредно, она што се случува на ниво на нивниот мозок е нешто неверојатно. Тие добиваат повратна информација од нивната храна за различни текстури, количини и разликување помеѓу цврста храна и не цврста храна. Учењето за храна преку овој вид сензорна игра е уште една супер вежба за истражување, зголемена љубопитност и самохранење, што на крајот помага да се изгради позитивно опкружување околу храната што ја јадат.
Некоја храна е топла, некоја ладна, некоја леплива, некоја мазна, некоја течна, а некоја е тешка за допир. Замислете ја возбудата што ја доживуваат кога ги користат нивните сетила за да откријат нови вкусови и текстури на храна.
5. Често поставувано прашање: Децата до 2 години не смеат да јадат мед. Зошто?
Медот е број 1 намирница која треба да се избегнува пред бебето да наполни 1 година. (како и сол и шеќер) Зошто не мед? Ова не е никако поврзано со алергија (иако има деца кои се алергични на полен од различни растенија кој е составен дел од еден мед), туку се случува медот да е контаминиран со бактерија која се вика Clostridum botulinum, чиј токсин може да го нападне недоволно зрелиот дигестивен систем, а последиците се многу тешки.
Оваа болест се вика ботулизам, и за жал оваа бактерија не може да исчезне дури ни кога готвиме на високи температури. Затоа, препораките се да се избегнува мед, дури и во готова процесирана храна, како бисквити, леб се додека бебето не наполни една година.

loading...